24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Трошановски: Претседателските избори се подготовка за парламентарните, во таа функција беа организирани и наративите и кампањата

„Очигледно е дека претседателските избори се подготовка за парламентарните избори и во таа функција беа и наративите и кампањата организирани, мерење на силите помеѓу партиите за да може понатаму да се позиционираат на кампањата којашто веќе почна за парламентарните избори“ рече Марко Трошановски од Институтот за демократија во утринската програма на „Слободен печат“.

Тој додаде дека двете главни теми на опозицијата се малку поимагинарни концепти на изгубено достоинство, враќање на државата во рацете на народот, гордоста којашто се претпоставува дека е изгубена, што според него го прави секоја опозиција која сака да се врати на власт.

Од друга страна, за париите од Власта, Трошаноски вели дека тие ветуваат уште подобар економски стандард од постигнатиот и побрзо чекорење кон Европската Унија.

„Тие себе се проектираат како носители на прогресивни стратешки политики од коишто сите ќе видиме аир за некоја година и сето тоа подразбира дека досега добро си ја завршиле работата, што беше коректно од една страна од страна на СДСМ, во неколку писма коишто ги видовме и признавање на дел од грешките коишто ги направија“, посочи Трошановски.

Според него, партиската битка во нашата држава е многу немилосрдна.

„Мислам дека нивото на партискиот менталитет, мало признание на грешка е одма знак на слабост, сите се многу внимателни на ниво на базичен инстинкт да не се исповедаат, да не се самокритични за да не наидат на канонада критики и тоа како општество ни прави голем проблем. Пред се затоа што треба да простуваме, а од друг аспект затоа што не можеме да создадеме заеднички именител на одговорност во ова општество кога никој не ја прифаќа вината на себе. Тогаш за ништо не можеме да се согласиме дека нешто е лошо или добро“, заклучи Трошановски.