25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв од ветинг

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вчеравечер од Кочани одговори зошто не е доцна во државата да се спроведе ветинг.

„2016 јас бев дел од тие кандидати за пратеници тогаш тоа го ветувавме. Добивме инструкција од Брисел дека заради негативните искуства во соседна Албанија, каде многу малку судии и обвинители го поминале тој тест, ветинг е проверка на имотната состојба, преведено на народски, дали си живеел во мандатот само од плата или си крадел и од други места. Значи, дали си чесен. Ги послушавме и дојдовме до 2% доверба во правосудството“, рече Пендаровски.

Во оваа насока тој истакна дека не само оваа политичка структура, туку дека после изборите сите треба да се заложат да се спроведе ветинг на судиите и на обвинителите, но и на политичарите.

„Значи не можеме ние целата вина да ја ставаме на судии и обвинителите, а самите да се амнестираме од тоа. Прво да се тргне од претседателот, од премиерот, од неговите роднини, пријатели, колеги, блиски, подалечни роднини, да не случајно си префрлил имот на друго име, само така ќе знаеме кој е човек со образ, кој суди по Устав и по закон. Сè друго е лажење на народот“, подвлече Пендаровски.

Потребно е да го спроведеме ветингот, за како што рече тој, граѓаните да не се сомневаат дали судиите и обвинителите работат согласно со законите или како што ќе им наложи некој друг.

„Да нема генерална перцепција во народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари украдени на наплатна рампа одиш во затвор, а за милијарди украдени си живееш лагодно по не знам кој светски даночен рај. За да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг или проверка на имотот на секој од нас и не само последните пет години. Ајде да тераме од 1990. Зошто да не? Јас немам од што да се плашам. Меѓутоа, знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв“, заклучи Пендаровски.