24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Грижата за највозрасните не е само ветување, тоа е наша должност

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и градоначалникот на Општина Крива Паланка направија посета на објектот на Ученичкиот дом „Боро Менков“ кој е предвидено да се реконструира и преадаптира во дом за стари лица. Претходно Тренчевска за време на нејзините теренски активности посети и корисници на услугата Помош и нега во домот

„Заедно со Општина Крива Паланка се одлучивме за реконструкција и прилагодување на УД „Боро Менков“ во еден од најубавите домови за стари лица во овој регион, преку капитална инвестиција на Министерството за труд и социјална политика токму во оваа општина. Брзото напредување на процедурите, предводена од цврстата решителност на нашиот градоначалник, сигнализира не само бирократски процес, туку и длабока посветеност брзо да се започне со работа во планираниот старски дом. Со вредност на проектот од 34.375.536 МКД, овој потфат симболизира инвестиција во граѓаните и суштинско решавање на нивните предизвици“ рече Тренчевска.

Таа истакна дека посветеноста на највозрасните во заедницата не запира тука и посочи дека спроведувањето на услугата помош и нега во домот во Општина Крива Паланка е уште еден чекор кон поголема грижа за старите лица.

„Услугата помош и нега во домот во Општина Крива Паланка се спроведува уште од 2021 година. Тука 32 негователи се грижат за 95 лица и ова е услуга која обезбедува грижа токму во домот на највозрасните и изнемоштени лица. Грижата за највозрасните не е само ветување, тоа е наша должност, наша привилегија и наша чест. Да го одиме овој пат заедно, рака под рака со највозрасните, да го испочитуваме нивниот влог во минатото и да им возвратиме денес“ изјави Тренчевска.