24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Центар со стратешки план ќе ги дефинира приоритетите за енергетска транзиција

Потребна е стратегија и патоказ за да имаме одржлив процес за енергетска транзиција во Општина Центар, ова е заклучокот од денешната работилница што се одржа во Енергетската канцеларија во локалната самоуправа.
На работилницата на која учествуваа експерти, претставници на невладини организации, преставници на Општината и општинското претпријатие Енергија центар, соговорниците дискутираа за актуелните проекти во доменот на енергетиката, зелената агенда, животна средина и др.

Градоначалникот Герасимовски презентираше до каде е Општината во процесот на енергетска трансформација и транзиција. Тој потенцираше дека фотоволтаичната централа поставена на градинката Пепелашка минатото лето дава одлични резултати во намалување на трошоците за електрична енергија, а следно е поставување на централа врз покривот на ООУ ,,Киро Глигоров”. Наша цел е да поставиме фотоволтаични системи на сите основни училишта, но засега почнуваме прво со ООУ „Киро Глигоров“. Мораме да бидеме претпазливи и внимаваме на секој детаљ. Засега сме во процес на јавен тендер и фирмите учесници треба да ги исполнат критериумите.

Вангел Андрески, директор на Енергија Центар ја потенцираше улогата на првото вакво претпријатие во државата за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори.
„Со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт“ успеавме да формираме вакво претпријатие, а процесот беше макотрпен и понекогаш фрустрирачки, со многу докуменатција, барања за куп дозволи по разни институции. Сега кога веќе започнавме со работа се соочивме со нов проблем, а тоа е потреба од едукација и подигање на свеста на граѓаните за придобивките на фотоволтаиците и нивната безбедност за корисниците, истакна Андрески, зборувајки за проектот кој се планира за ООУ ,,Киро Глигоров”.

Експерите се согласија дека иднината е токму во енергетската транзиција и трансформација која треба да почне од локално за да се прошири на национално ниво. Заштедите, но и бенефитите за животната средина се од непроценлива важност за воведување на вакви „зелени“ енергетски системи, но за разлика од другите држави во ЕУ и регионот, ние сме се уште во пионерска фаза.
Сите заштедени средства, велат експерите, по теркот на европските држави, понатаму треба да се влеваат во проектите од доменот на животната средина, преку субвенции за здрав и еколошки начин на живот на граѓаните.
Денешната работилница ,,Патоказ за енергетска транзиција – дефинирање на стратешки пристап кон одржлива иднина на Општина Центар” се организираше под покровителство и соработка со Фондација Фридрих Еберт, невладината Гринер и Општина Центар.