Документарниот филм The Walk (Патување пеш) на Тамара Котевска изминатава недела се прикажуваше на два европски фестивали во исто време. Најпрво, филмот имаше европска премиера во конкуренција на најголемиот фестивал за човекови права, во срцето на Женева, Швајцарија – FIFDH, каде имаше 2 проекции. Веќе 22 години по ред, FIFDH е посветен на промоција на филмови кои се борат за човекови права. Секоја година, паралелно со главниот собир на Советот за човекови права на Обединетите Нации, фестивалот презентира филмови и одржува жестоки дебати за различни социјални борби и критикуваат насилство врз човечкиот род. На премиерата во Женева беше присутна режисерката Тамара Котевска и директорот на фотографија Жан Дакар со активно учествуво на дебатите поврзани со бегалските кризи и правата на бегалците кризните подрачја ширум светот.
Во исто време филмот имаше рекордни 5 проекции на еден од најголемите фестивали за документарен филм од А Категорија во Европа: CPH:DOX во Копенхаген, Данска, како дел од програмата Highlights. На премиерата во Копенхаген беше присутен кинематографот Самир Љума. Токму филмот „Патување пеш” на Тамара Котевска е избран за специјална проекција после која следеше отворена дебата поддржана од организацијата на Обединетите Нации, со високи претставници на повеќе организации за правата на бегалците ширум светот, меѓу кои UNHCR, Црвениот крст и Данскиот институт за човекови права.
Филмот „Патување пеш“ ја имаше својата светска премиера на најголемиот фестивал за документарни филмови во САД – DOC NYC во Њујорк во ноември минатата година. Тоа е втор долгометражен документарен филм на нашата млада режисерка Котевска и следи после големиот успех на „Медена земја“ за кој доби три големи награди на филмскиот фестивал Санденс во САД во 2019 год, а имаше и две номинации за Оскар следната 2020 год.
„Патување пеш“ го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше две години на територија на повеќе од 10 земји, помеѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка. Во креативниот тим на филмот, покрај Тамара Котевска, се и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Главен продуцент на филмот е „Grain Media“, една од најголемите британски филмски компании фокусирана на документарните филмови, македонски копродуцент е „ОХО Продукција“, a филмот е поддржан и од Агенцијата за филм на РСМ.