Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на Анталија дипломатскиот форум, во Република Турција, каде имаше обраќање на панелот насловен „Предизвици и можности на Балканот“, посветен на последните геополитички случувања на Балканот, специфичните предизвици и можните решенија за гарантирана стабилност и мир во регионот.
Османи осврнувајќи се на состојбите во Регионот подвлече дека истиот и натаму продолжува да е ранлив со сложени прашања и дека креираните фрустрации во регионот многу лесно се канализираат и се употребуваат од трети актери, а тие фрустрации не се фиктивни туку многу реални и базирани на долгото чекање да се овозможи најонсовното право за реформи и прогрес кој би следел со отварање на поглавјата за земјите од ЗБ.
“Време е за брза и одлучна акција. Тоа што очекува Балканот е преземање на храбри чекори и зацртување на јасен пат за идното проширување и среднорочна визија за нашиот регион за постигнување на крајната цел – полноправно членство на земјите од ЗБ во Унијата” рече Османи, додавајќи дека мора да се најде поинаков пристап со овозможување со мнозинство гласови ЕК да одлучи за отварањето на поглавјата со што ќе се поттикне реформскиот процес за земјите кои пристапуваат кон ЕУ а унанимното гласање да се употребува за затворање на поглавјата.
Османи истакна дека Планот за раст е многу добар чекор во оваа насока, отворајќи ја вратата за зголемена финансиска помош и прогресивна интеграција заснована на заслуги, но Европската комисија мора да настојува на неговото усвојување бидејќи ако не успее тогаш тоа ќе предизвика големо разочарување и дополнително ќе придонесе кон губење на кредибилитот на Унијата.
На панелот Османи потсети дека “минатата година го воведовме концептот “повеќе интеграција пред членство”, кој целосно соодветствува со Планот за раст, а со кој се предлагаат различни модалитети за постепена интеграција и зголемено вклучување на земјата во евроинтегративниот процес притоа носејќи придобивки во процесот на пристапување кон ЕУ”.
Ова трето издание на Анталија дипломатскиот форум, оваа година се оддржува на тема „Водечката улога на дипломатијата во турбулентни времиња“. Учесници се високи функционери, политички лидери, академци, претставници на медиумите, бизнис заедницата и креатори на јавното мислење од целиот свет кои ја користат оваа платформа како одлична можност за дискусија и пренесување на нивните ставови.