24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: ВМРО ДПМНЕ јавно кажува дека со нив нема ЕУ ниту за 100 години, уште говори за хорор и влечење за коси

Вториот блок во нашата земја е антиевропскиот предводен од ВМРО-ДПМНЕ, партија која во 21 век се уште говори за хорор, влечење за коси, која јавно кажува дека со нив нема ЕУ ниту за 100 години, вели во интервју за Слободен печат, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Со политиките на тој блок до 2017 година Северна Македонија беше заробена држава, изолирана, со уназадена демократија, далеку од ЕУ и НАТО, додава Ковачевски.

Тој подвлече дека земјата со тој блок беше на 138 место во светот по слобода на медиуми исто како што беше на дното на листите за сите показатели во однос на владеење на правото. Земја во која наместо кај граѓаните, парите одеа во стиропор кој денеска се распаѓаат, работникот беше потценет, третиран и продаван во светот како евтина работна сила, потенцира Ковачевски.

За жал, ние гледаме дека до денеска ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која се нема поместено ниту милиметар од она што граѓаните го паметат во нивното 11 годишно владеење, вели Ковачевски.

-Спроведуваа активна блокада во македонското Собрание и блокираа помош за граѓаните во време на криза. Го блокираат европскиот пат а не кажуваат која е алтернативата. Велеа дека ќе се случела асимилација и бугаризација, а ниту излегоа пред граѓаните да им се извинат за лагите ниту пак гласаа за договорот Фронтекст со којшто македонскиот јазик го етаблиравме во ЕУ. Немаа и се уште немаат став за ниту едно важно прашање. Светски феномени по немање став. Партија која во 21 век се уште говори за хорор, влечење за коси, која јавно кажува дека со нив нема ЕУ ниту за 100 години. Доволно е да погледне во каква очајна состојба го доведоа главниот град Скопје, да се види дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат реализирано ниту еден проект за 2 години и тој е заклучокот. Се е исто во белиот дворец, тоа е истата антиевропска матрица, вели Ковачевски.

Тоа ќе биде понудата пред граѓаните и на претседателските и на парламентарните избори, наведува Ковачевски.

-Затоа кога говориме за коалиции, треба да ги гледаме низ призмата на вредностите кои ги застапуваат и низ призма на резултатите коишто ги испорачуваат кога граѓаните им ја дале довербата. Оттука, коалицискиот капацитет на СДСМ сметам дека е најголем и очекувам силна поддршка, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за Слободен печат.