Без вода за наводнување, нема земјоделско производство, децидни се земјоделските производители од Тиквешијата. Водата е насушна потреба за секоја земјоделска култура. Лошата хидролошка состојба ги загрижува дека и оваа година ќе се соочат со проблеми во производството. Хидро мелиоративниот систем Тиквеш го наводнува тиквешкото поле.
„Вода за наводнување мора да има од самиот почеток на производната сезона. Во минатиот период земјоделците, особено градинарите се соочуваа со проблеми во наводнувањето, токму поради не навременото пуштање на вода во каналската мрежа. Проблеми имаа и лозарите. Не можеа да наводнуваат, а имавме долг сушен период. Потребно е ново организирање на водостопанство. Наместо централизација, да се изврши децентрализација како би можело успешно да се менаџира со водостопанските претпријатија, а земјоделците да имаат секогаш кога треба вода за наводнување. “ вели Дано Јошев, претседател на здружението „Тиквешки лозаро овоштари“ и нагласува дека сега се чекало долго за да се решат и најмали дефекти, бидејќи одобрение треба да стигне од централата на Водостопанство во Скопје.
Тој нагласува дека државата треба да најде начин и да го прошири системот за наводнување и во месноста „Овчка река“ – кавадаречко, каде се произведуваат значителни количини винско и трпезно грозје и навреме да се санираат можните дефекти во системот кој ги покрива површините во атарот на селото Ваташа.
Јошев ги поздравува капиталните инвестиции на државата во системи за наводнување, нагласувајќи дека вакви инвестиции требаше да се прават многу одамна и на тој начин да се задржат и младите да работат земјоделство.
„Наводнувањето на земјоделското земјиште е главниот основ за квалитетно домашно земјоделство. Нема квалитетен род, без наводнување. Токму затоа наводнувањето е еден од клучните сектори во рамките на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“ вели и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, нагласувајќи дека како министерство и Влада, постојано сите овие години, посветено работат на модернизирање на националниот систем за наводнување на земјоделското земјиште. Се градат нови, а се реконструираат и постојните системи за наводнување.
Неодамна се потпиша договорот за имплементација на четири системи за наводнување по долината на реката Вардар, како дел од Програмата за наводнување што ја има државата. Станува збор за историски проект во водоснабдувањето вреден над 100 милиони евра, кој обезбедува наводнување на нови 13.650 хектари земјоделско земјиште.
Како дел од овој проект е Хидросистемот „Пепелиште“, кој ги опфаќа земјоделците од општините Неготино и Демир Капија, со наводнување на површини од 3.000 хектари. Исто така со проектот се опфатени и Хидросистем „Лисиче“, кој ги опфаќа земјоделците од општините Велес и Чашка и би обезбедил наводнување за 3.650 хектари земјоделско земјиште, „Страиште“, кој ја опфаќа општина Валандово и земјоделска површина од 1.500 хектари. Четвртиот проект е Хидросистем „Конско“ кој опфаќа наводнување на 5.500 хекатари земјоделско земјиште од општините Гевгелија, Богданци и Дојран.
За сите овие четири проекти веќе се изработени посебни Физибилити студии и Проценка на еколошкото и социјалното влијание со што изводливоста и одржливоста на истите е потврдена.
„Модернизацијата и вложувањето во квалитетни системи за наводнување, е еден од петте главни приоритети во нашата работа како министерство. Обезбедуваме наводнување и ја ставаме во функција за производство на храна секоја земјоделска површина. Директно помагајќи ги земјоделците, обезбедувајќи богат и квалитетен род домашна македонска храна. За реализација на овие проекти подготвен и усвоен од Владата е Акциски план за спроведување на Програмата за наводнување на Северна Македонија“ вели Николовски. Тој додава дека со овој план се предвидуваат сите активности за проектирање, подготовка на документацијата и изградбата на сите четири системи за наводнување да бидат завршени во рок од 60 месеци од денот на воведувањето во работа на консултантот за имплементацијата, со гарантен период од 12 месеци.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ја посети пумпната станица Марена. Таму е извршена замена на старите пумпи и електромоторите кои беа дотраени и користени повеќе од 50 години.
„Се направи Скада систем со кој ќе се следи работата на пумпите, се изврши и санација на доводниот канал до црпниот базен со поставување на механички решетки за зафаќање на гранки и алги кои ги носи водата по каналот. Ставаме посебен акцент на навремено наводнување на земјоделските култури, кои се од исклучителна важност и се предуслов за современо земјоделско производство. Продолжуваме да работиме во интерес на земјоделците.“ вели Николовски.
Пумпната станица Марена наводнува површина од околу 2.000 хектари долгогодишни култури.
Ангел Данов
Извор: Бриф.мк