27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Високи извори од СДСМ ја потврдуваат веста на „Фронтлајн“ од 11 декември, Маричиќ прв вицепремиер на местото на Груби

Како што прв објави „Фронтлајн“ на 11 декември 2023 година – СДСМ ќе ја преземе функцијата прв вицепремиер во техничката Влада.

Високи партиски извори од СДСМ за „Фронтлајн“, потврдуваат дека оваа функција ќе им припадне и дека ќе ја води актуелниот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ.

За оваа функција од СДСМ кандидат беше и актуелниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, но социјалдемократите одлучија да биде Бојан Маричиќ, наведува изворот.

Кандидатот за технички премиер, актуелниот претседател на Собранието – Талат Џафери, на последниот брифинг со новинари како прв парламентарец, рече дека: „Нема причина да се оптоварува прашањето за евентуални промени во составот на техничката влада, изјави идниот технички премиер на Северна Македонија“.

Тој истакна дека евентуалните кадровски промени се одговорност на политичките партии.

– Во секој случај, тоа е надлежност на партиските органи кои имаат надлежност и право да бидат дел од таа Влада, така што нема причина да коментирам за нечија одлука, како ќе биде, подвлече Џафери.

Функцијата прв вицепремиер во Владата за прв пат ја промовираше Артан Груби од Демократската унија за интеграција. „Фронтлајн“ дознава дека Груби останува вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците и во техничката влада.

Техничка Влада предводена од Талат Џафери ќе биде трета по ред. Првата беше предводена од Емил Димитриев и поради тоа што не можеше да се формира подолго време, тој ја предводеше техничката влада од 18 јануари 2016 до 1 јуни 2017 година. Втората техничка Влада ја предводеше актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски од 3 јануари 2020 до 30 август 2020 година.

Четирите тогашни најголеми партии на 2 јуни 2015 година постигнаа договор 100 дена пред наредните парламентарни избори со државата да раководи Влада за спроведување избори. Пржинскиот договор бил потпишан од водачите на четирите најголеми политички партии во тоа време: Зоран Заев – СДСМ, Никола Груевски – ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети – ДУИ и Мендух Тачи – ДПА.

Дестан Јонузи

Извор: Frontline.mk