25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Панел-дискусија: Европскиот План за раст на Западен Балкан е за подобрување на економската и деловната состојба во државата

Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, е финансиски и политички влог на Унијата во регионот и е охрабрувачка порака за европската перспектива на Северна Македонија. Во рамки на панел-дискусијата на тема: „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните“, премиерот Димитар Ковачевски, заедно со Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Фатмир Бесими, министер за финансии, како и Горан Антевски, генерален директор на Раде Кончар – ТЕП, говореа за Планот за раст за Западен Балкан.

Претседателот на Владата, Ковачевски истакна дека земјите од регионот преку Планот за раст од ЕУ добија можност Западен Балкан да се доближи до европските стандарди и до стандардите на европско живеење. Како што истакна премиерот, ова е можност да се почувствуваат придобивките од ЕУ, уште пред да станеме нејзина членка.

„Ако го земеме бројот на жители на Западен Балкан сме 17 милиони, а пазарот на ЕУ е половина милијарда. БДП вкупен на Западен Балкан е некаде околу 100 милиони евра, додека на ЕУ е 100тици трилиони евра, бидејќи таа е втората најголема светска економија после САД, а заедно со САД прави околу 60% од Светската економија. И затоа нашата желба и она што ЕУ го овозможи е побрза интеграција пред пристапување кон европскиот заеднички пазар. Подобра интеграција на државите помеѓу себе, пред се тука мислам на инфраструктурно поврзување.

Укинување на голем број на нецарински бариери, укинување на бариери во делот на признавање на професионални квалификации на стручните кадри за што веќе се потпишани дел од договорите и секако финансирање на реформите, бидејќи сега за прв пат ќе имаме финансирање кое што ќе зависи од спроведените реформи“, рече премиерот Ковачевски.

Вицепремиерот Маричиќ, Планот за раст за Западен Балкан, го поздрави како позитивна практика од страна на ЕУ, реформскиот процес го врзува со фискалната политика, што создава можност за развој и напредок на земјите.

„Во регионот, од оние што преговараат сме помеѓу државите кои подобро котираат во однос на усогласеноста на правните механизми. Да не заборавиме дека ние веќе имаме и функционална комисија за заштита на конкуренцијата и сите оние инструменти коишто ги нуди и коишто се неопходни во текот на преговорите, а врзани за слободниот пазар.

Планот за раст е една добра вежба, односно подготовка за она што следува кога ќе влеземе на големиот европски пазар. Ова е важно заради тоа што ние долго време сме тропале на оваа врата во Брисел и сме барале процесот на проширување, да не биде прашање на – „или се или ништо“, да не биде ситуација во којашто државите-членки ги имаат сите можни придобивки а државите кандидатки и државите кои преговараат немаат ништо, односно имаат ист третман како било која друга трета држава“, рече вицепремиерот Маричиќ.

Европскиот План за раст за Западен Балкан има за цел да ја забрза севкупната конвергенција кон ЕУ, смета министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој истакна дека придобивките од Планот за раст се повеќекратни како за граѓаните, така и за економијата.

„За економските придобивки ќе значат отворање на нови работни места, понатаму раст на платите како резултат на забрзување на економската активност, подобрување на јавните услуги преку реализација на јавните инвестиции, поголем просперитет и европска иднина; за компаниите: преку новите можности кои се отвораат на пазарите во регионот и ЕУ, засилениот инвестициски циклус и забрзување на реформите; за економијата придобивките ќе се реализираат преку структурни промени кои ќе обезбедат забрзан економски раст и за процесот на евроинтеграција преку забрзано усвојување на реформската агенда. Земјите од регионот на Западен Балкан можат да гледаат на Планот за Западен Балкан како брза лента во процесот на евроинтеграцијата, со тоа што им се дава можност да користат дел од придобивките на ЕУ уште пред да станат членки, а со цел да се поттикне економскиот раст и да се забрза социо-економската конвергенција“, истакна министерот за финансии Бесими.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека ЕУ носи предизвик, конкурентноста на компаниите налага регионално вмрежување и затоа како што рече Планот за раст кој е насочен на регионалната интеграција и регионалниот пазар е само увертира кон заедничкиот пазар на ЕУ.

„Со Стратегијата за паметна специјализација дефиниравме пет клучни сектори кои што треба да станат поконкурентни наспроти ЕУ. Не се само во прашање стратегиите, туку и тоа дека домашните компании веќе зборуваат за тоа да станат дел од вредносните ланци во регионот, но и понатаму, во ЕУ. Моментот на трансформација на нашата економија е започнат. Фактот дека имаме 919 компании кои што се во производството, во преработката, кои што се дел од вредносниот ланец во различни сектори, во различни индустрии, а потпомогнати од страна на Владата да направат сопствени инвестиции од половина милијарда евра за период од пет до шест години, за да станат по продуктивни и по конкурентни, за да може лесно да излезат на европскиот пазар, е клучот на успехот кој што го имаме трасирано овие шест години. Кога ќе ги завршат нивните инвестиции, тие ќе изнесуваат скоро една милијарда евра“, рече Битиќи.

Колку подолго чекаме надвор од границите на ЕУ, ние само губиме, смета Горан Антевски, генерален директор на Раде Кончар-ТЕП. Антевски во излагањето направи споредба за условите и можностите за раст и развој на компаниите од земјите членки на ЕУ дури и во време на пристапните преговори.

„Нашата компанија соработува со Полска, Словенија и останатите земји. При моето прво патување во Полска 2007-2008 година тогаш ја видов компанијата со која соработуваме, и ја видов минатата година и не можам да ви објаснам која е разликата, светлосни години. Присуствував на годишнина од основањето на друга полска компанија која пред пристапувањето во ЕУ била гола ледина прво работеле во гаража, а сега е најголемата полска компанија во електро секторот со над 250-300 милиони годишен обрт, со околу 4,5 илјади вработени, а кога почнале со работа почнале тројца членови на потесното семејство. Нашата компанија постои 17 години. Кога почнавме 2008 година, немавме никаква помош од државата и тука ја видовме разликата. Ние сами моравме да инвестираме во овие 17 години, сами се бориме. Од друга страна полските и словенските фирми имаа голема помош. Полските фирми имаа од 50- 75% грантови од ЕУ и тоа беше земја која најмногу искористи од пристапните фондови во Европа и Словенија од 30 до 50 % им даваа за инвестирање. Ние купуваме сами машини и кредитите ги вративме 100%, а во Полска, Словенија добиваа грантови и со тоа ја зголемија продуктивноста и нивната економичност“, рече Антевски.