17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Шкријељ: Во изминатите години се случија значајни поместувања во позитивна насока во делот на почитување на човековите права и пред сè маргинализираните заедници

„Во изминатите години се случија значајни поместувања во позитивна насока во делот на почитување на човековите права и пред сè маргинализираните заедници. На пример, ратификувањето на Истанбулската конвенција, Законот за спречување и заштита од дискриминација со вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, измените на Кривичниот закон за усогласување со Истанбулската конвенција, Законот против насилство врз жени и семејно насилство, изјави Санела Шкријељ пратеничка во македонското Собрание и долгогодишна активистска за правата на жените, маргинализираните заедници и лицата во ризик во интервју за „Трн.мк“.

Таа додаде дека решавањето на деценискиот проблем на лицата без документи, „фантоми“, навистина е нешто со што државата може да се гордее. Таа дополнително додаде дека со измените во законите за матична евиденција, на законите за престојувалиште и живеалиште и за лична карта со отвори патот за целосно решавање на бездржавјанството во Република Северна Македонија.
„Инклузивното образование е многу важен исчекор кој го направивме како држава кон образование засновано на човековите права и верувањето дека секое дете има право на квалитетно образование што го почитува и го поттикнува неговото достоинство и оптимален развој. Секако дека имплементацијата е полна со предизвици, од стереотипите и предрасудите на околината како во случајот на малата Ембла до потребата од инвестирање во училишната инфраструктура, доволен број на образовни асистенти, едукација на наставниот кадар и прилагодени наставни материјали. Но, останува фактот дека за првпат системски се работи на целосна промена на начинот на кој ние како општество гледаме на дечињата кои имаат различни образовни потреби и атипичен развој“, потенцираше Шкријељ.

Таа додаде дека во процедура се измени и дополнувањата во Законот за основното образование со цел регулирање на воспитно-образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи.

„Да сумирам, унапредување на законската регулатива и позитивни исчекори во имплементацијата во делот на почитување на човековите права, особено на маргинализираните групи, неоспорно се направени. Секако дека се соочуваме со многу предизвици во имплементацијата, започнувајќи од институционалната подготвеност и посветеност до свеста и предрасудите кои гледаме дека упорно опстојуваат во општеството. Многу истражувања покажуваат дека отпорот и омразата кон “различните” не само што не исчезнале, туку и се засилуваат под влијание на неодговорноста и токсичната реторика што ја користат пред се политичарите, но и други јавни личности па и медиуми“, заклучи пратеничката.