Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски за Божик: Народот во Македонија секогаш знаел да ја одбере страната на доброто

Првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во лично име и во име на партијата на сите православни Христијани во Македонија им го честита големиот празник Рожденство Христово – Божик со желби за успеси здравје и среќа.

„Раѓањето на синот Божји ја симболизира надежта за подобро утре, мирот и спасението на човековиот род кој тој со себе ги донесе на овој свет.

Токму празничните божиќни мигови нека ги исполнат домовите на верниците со божјата светост и радост за веста за раѓањето на Спасителот. Срцата нека се исполнат со топлината и нека се пренесе гласот дека Богомладенецот Христос е роден.

Благословот Господов нека е над сите нас, да се насочиме кон добрите дела и хуманоста бидејќи тие се смислата на човекољубието и нашата христова вера, љубовта кон ближните и надежта за спасението.

Во празнични денови да си споменеме и за сите оние кои страдаат поради растечката немаштија и да им пружиме рака, да направиме богоугоден гест и да им помогнеме. Луѓето кои живеат до нас, нашите соседи, без оглед на разликите се наши браќа и треба да си бидеме потпора во овие тешки времиња.

Така ќе се сплотиме и ќе застанеме рамо до рамо против предизвиците на новото време кои го ништат нашето општество и кои ја загрозуваат нашата татковина Македонија.

Криминалот и корупцијата се злото на ова доба, и тоа бара обединување и заедничка борба. Злото се поразува со добро, а народот во Македонија секогаш знаел да ја одбере страната на доброто и да биде на страната на победниците.

Така било во минатото и така ќе биде додека векот векува.

Нека е честит и вековит празникот Божик.

Нека е вечна Македонија.

Христос се роди!

Навистина се роди!“, се вели во честитката на Мицкоски.

Можеби ќе ве интересира

Одлична можност за младите македонски граѓани кои сакаат да стапат во служба на Армијата, објавен е новиот Јавен оглас за прием на 300 професионални војници

ДЕСК

Мицкоски: Инвестицијата во далекуводот Битола-Елбасан значи спасен проект од сигурно пропаѓање

ДЕСК

Претседателот на Собранието Африм Гаши и Народниот правобранител Фатон Сељами потпишаа Меморандум за соработка

ДЕСК