Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска ја посети компанијата „Лакталис“ во Битола, компанија од млечната индустрија, која што е корисник на дел од владините мерки.
„Работењето на компанијата „Лакталис“ од Битола е показател за успешноста на Планот за економски раст поставен во 2017 година, преку кој Владата е на вистинскиот пат да обезбеди економски раст и развој на нашата земја. Владата е партнер на компаниите и горди сме кога успеваме да придонесеме и да ги поддржиме во нивната цел, во новите инвестиции како и во зголемувањето на бројот на вработените. Непосредно комуницираме со компаниите, со коморите, за да се креираат правилни економски политики, бизнисот да има предвидлив деловен амбиент и да ги планира инвестициите на среден и на долг рок“, истакна премиерот Ковачевски при посетата на „Лакталис“.
Оваа компанија е корисник на државната поддршка преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, што им помогнале за реализација на новите инвестиции.
„Владата, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За шест години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година.
Целта е заедничка – развиено стопанство, повеќе нови работни места и инвестиции, а со тоа и повисок раст на економијата. Затоа, Владата од почетокот на енергетската криза, а претходно и за време на пандемијата, даде силен, навремен и прецизен фискален одговор, кој беше значаен за амортизирање на надворешните шокови“, истакна премиерот Ковачевски на настанот, додавајќи дека и покрај неколкуте кризи во последните три години, Владата успеала да го преполови фискалниот дефицит преку рационализација на трошоците и подобрување на наплатата на приходите.
За околу три и пол години, посочи премиерот Ковачевски, донесени се пакети антикризни мерки во вредност од над две милијарди евра.
„Ланскиот пакет антикризни мерки во висина од 760 милиони евра, беше оценет од Светска банка како најголем во регионот. Со сите мерки досега спасени се повеќе десетици илјади работни места, финансиски поддржавме ранливи категории граѓани, пензионери со ниски пензии, поддржавме плати за вработените, поддржавме занаетчии, самостојни уметници, радиодифузери, овозможивме поволни кредити за уметници, компании, овозможивме поволни кредити и за приватниот и за јавниот сектор. Најновиот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра, од кои 492 милиони евра се за поддршка на ликвидноста на компаниите, конкурентноста и инвестициите во обновливи извори, преку поволни кредити. Една од мерките се однесува на обезбедување финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000-9.000 денари. Со мерката се опфатени над 70.000 компании“, рече премиерот Ковачевски, осврнувајќи се на најновите мерки.
Генералниот директор на компанијата „Лакталис“ Ванчо Постоловски посочи дека компанијата функционира веќе 17 години како дел од најголемата млечна индустрија во светот, што е резултат на континуираните инвестиции во производствените капацитети, како и едукацијата на фармерите за унапредување на процесите и на квалитетот што резултира со нивната добра позиционираност на пазарот.