„Што се однесува до „Капитал“, не можам да кажам дека стагнира магазинот. Еден од проблемите којшто се случи за медиумите во светот беше Ковид кризата. Таа си го направи своето од аспект на реструктурирање на издавачките компании, телевизии, радиа, итн. Во светот од тој момент до денес дојде до страшно рекомпонирање, појава на портали, забврзувањето на социјалните мрежи како носач на авиони за вести. Сето ова го смени пристапот на работењето на компаниите ако се земе предвид дека се создаде атмосфера во која се создаде „инфлација“ од медиуми“, изјави Љупчо Зиков, новинар и директор за финансии на МЕПСО и основач на „Капитал“ весникот во утринската програма на „Слободен печат“
Тој додаде дека младите не се заинтересирани за новинарство бидејќи се насочени на сосема нови платформи, поточно дека младите не го гледаат новинарството како што неговата генерација го гледала своевремено.
„Доаѓаме до онаа дефиниција на Ѓунер која ги дефинираше новинарите како универзални незналици од деведесеттите години. Денеска се случува токму тоа. Ќе отворите Фејсбук и Твитер, дури имате и ситуација кога гледате дека се изветоперува самото новинарство“, потенцираше Зиков.
Тој заклучи дека сето тоа што се понудило како „инфлација“ ги урнало цените на услугите на медиумите.
„Приходите секаде се намалија, и во телевизиите и во магазините, дневните весници, порталите. Она што е специфично е дека во ваква ситуација која произлезе од кризата, медиумите доаѓаат до една таква шанса за добрите медиуми, за добрите групи и тимови на уредници и новинари да понудат специјализиран производ којшто можете да го наплатите. Тоа е трендот во светот денеска“, подвлече Зиков.