10.8 C
Скопје
27. февруари 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Волстрит ја има најголемата месечна добивка за повеќе од една година

На Волстрит, S&P 500 и Dow Jones индексот пораснаа во четвртокот, завршувајќи го ноември со најголем месечен раст за повеќе од една година.

Dow Jones вчера зајакна 1,47 отсто, на 35.950 поени, додека S&P 500 порасна за 0,38 отсто, на 4.567 поени. Индексот Nasdaq ослабе, пак, за 0,23 отсто, на 14.226 поени.

Во текот на ноември, Dow Jones порасна за 8,8 отсто, што е негова најголема месечна добивка од октомври минатата година.

S&P 500, пак, скокна за 8,9 отсто, а Nasdaq индексот за 10,7 отсто, па забележаа најголем месечен скок од јули минатата година.

Инфлацијата во САД слабее
Ова е благодарение на слабеењето на инфлацијата во САД, поради што инвеститорите се убедени дека американската централна банка го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки.

Дополнително, американската економија постојано расте, па се проценува дека ќе ја избегне рецесијата и покрај наглото зголемување на каматните стапки од страна на ФЕД во последната година и половина.

Инвеститорите во последните денови будно ги следат пораките на првиот човек на ФЕД, од кои може да се заклучи дека централната банка најверојатно го завршила циклусот на зголемување на каматите.

Сепак, во зависност од трендот на инфлација, каматните стапки би можеле да останат на покачени нивоа подолг период од очекуваното.

Намалување на каматите во март?
Пооптимистичките аналитичари проценуваат дека ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки веќе во март, додека пореалните тоа го очекуваат кон средината на следната година.

Во ноември силно пораснаа и европските берзи – индексот Стокс од 600 најважни европски акции порасна за речиси 6 отсто.

Азискиот индекс MSCI, пак, порасна за речиси 7 отсто во ноември, што е негов најголем месечен скок од јануари.

Благодарение на ова, индексот MSCI на 47 од најголемите светски берзи минатиот месец порасна за речиси 9 отсто, по три месеци пад.