5.8 C
Скопје
27. февруари 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Се реализира втора фаза од стратешкиот проект за испитување и студија за магистралните водоводни цевководи

Град Скопје продолжува со втората фаза за реализација на стратешкиот проект од програмата За модерно Скопје за испитување и студија за магистралните водоводни цевководи. Градоначалничката Данела Арсовска, ја промовираше изработката на стратешката Студија за дијагностика и утврдување на состојбата на двата постоечки челични водоводни цевководи, со димензија 1600 милиметри која е ветување од програмата За модерно Скопје и која се прави за прв пат од нивната изградба.

– Отпочна втората фаза од Студијата за магистралните водоводни цевководи базирана на темелни испитувања и анализи која се прави за прв пат по 60 години. Водоснабдувањето на град Скопје од количини на вода кои се расположливи од двата каптажни објекти на изворот Рашче, се движи преку двa челични цевководи. Во втората фаза се анализира состојбата на самите цевки во нивниот надземен и подземен дел во општина Ѓорче Петров, состојбата на објектите кои се изградени за правилна експлоатација на цевководот односно армирано бетонските шахти со хидро машинска опрема, мостовската конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и останата заштита.

Експертите и професорите од Машински факултет ги работат испитувањата на терен, со цел да добиеме прецизна студија за магистралните водоводни цевководи кои се изградени пред 60 години, а студијата треба да даде информации какви мерки треба да се преземат за да се превенираат несакани појави во иднина и да се имаат сите информации за овие клучни цевководи во Скопје. – нагласи градоначалничката Арсовска при посетата на терен

Имајќи предвид дека цевководите се челични и градени во пост-земјотресниот период започнати во 1964 година, при што со нивната 60 годишна функционалност, со оваа студија би се добила детална слика за состојбата и би се оформиле насоки за идни потреби на инвестиции во овој сегмент. Суштината на изработката на стратешката студија е утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевководи, едниот кој оди по трасата на булевар Партизански Одреди и другиот по булевар Словенечка и Босна и Херцеговина.