23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ тресе од ракав – ќе ослободувале од данок нешто што не се оданочува

„Во налет на економиски мисли, ВМРО – ДПМНЕ исто така најавува дека добивката на компаниите ќе биде ослободена од оданочување!? Во нашата држава, реинвестираната добивка не се оданочува“ напиша вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на социјалните мрежи одговарајќи на колумна на Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.

Вицепремиерот додаде дека одговорно кон граѓаните не умее секој и затоа таа привилегија се дава на оние кои знаат, сакаат и можат.

Битиќи во неговата објава на социјалните мрежи го искритикува и предлогот на опозицијата за линеарно зголемување на пензиите за 5 илјади денари, како економски неоснован.

„Имаме 334.971 корисници на пензија, согласно последниот извештај на ПИОМ за месец октомври 2023 година, помножено со 5.000 денари, кои ВМРО – ДПМНЕ ги предлагаат, е еднакво на 1.674.855.000 денари, односно 27,2 милиони евра месечно, што е вкупна сума од 326,8 милиони евра на годишно ниво“ напиша Битиќи.

Вицепремиерот истакна дека ваквото зголемување е 2,5 отсто од БДП, но 27,1 отсто од предвидениот буџет на ПИОМ.

„Ова значи дека ВМРО – ДПМНЕ со бројки истресени од ракав за зголемување на пензиите, сакаат дупката во фондот за ПИОМ да ја прошириат за 27,1%, што за добрите познавачи на финансиите, не значи само проширување на дупката во фондот за ПИОМ, туку тоа е буквално креирање на ЦУНАМИ кое за само една година комплетно ќе го збрише фондот за ПИОМ“ напиша Битиќи.