25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

ЕСМ понуди за 7,5 отсто повисока цена на тендерот за набавка на електрична енергија на ЕВН Хоум

ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-јуни 2024 доби само една понуда, и тоа од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 57 евра за мегаватчас, за покривање на 95% од вкупно планираните количини. Оваа цена е за околу 7,5% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2023), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 53 евра за мегаватчас.

Дополнително, за покривање на останатите 5% од вкупно планираните количини, ЕВН Хоме доби две понуди и тоа од АД ЕСМ, по купопродажна цена на електричната енергија од 120,01 евра за мегават час и од компанијата Соле24 ДООЕЛ по цена од 130 евра за мегават час. ЕВН Хоме одлучи да не прифати ниту една од пристигнатите понуди за овие количини, за да го ограничи влијанието на крајната цена на електричната енергија. Во таа насока ќе се направат напори во зависност од техничките и временските услови, овие количини да се набават преку МЕМО по поповолни услови согласно моменталната состојба, само доколку тоа е неопходно.

За покривање на загубите на електрична енергија, Електродистрибуција доби најповолна понуда од АД ЕСМ, и тоа по цена од 105 евра за мегаватчас. Претходно оваа цена изнесуваше 100 евра за мегаватчас.

Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.

Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.