6. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

Во Варшава започна со делување „Здружението за промоција на македонска култура во Полска“

Во Волскиот центар за култура во Варшава, се одржа инагуративниот настан по повод формирањето на „Здружението за промоција на македонска култура во Полска“, регистрирано под името (на полски јазик) „ Stowarzyszenia Kultury Macedońskiej w Polsce.“

На настанот беа презентирани краткорочните и долгорочните цели како и структурата на самото здружение од страна на претседателот на здружението Горан Шутиновски. Со поздравен говор пред присутните се обрати и в.д. амбасадорот на Македонија во Полска Илија Псалтиров.

Програмата продолжи со проекција на два краткометражни филмови, „Долу од рајот“ во режија на Саша Станишиќ и „Ќе му се јавам на татко ти“ во режија на Леонид Ристов. Со музичка точка настапи „Ансамблот за песни и танци при Економскиот универзитет во Варшава“, со изведба во живо на неколку полски народни песни, а посебно за оваа пригода, и на големо воодушевување на присутните, Ансабмлот ја изведе македонската песна „Македонско девојче“, испеана на македонски јазик, напишана и компонирана од македонската музичка легенда Јонче Христовски.

Во изложбениот простор на културниот центар имаше и поставка на авторски урбани фотографии од Скопје и Варшава на Даниел Анастасов, потпретседател на Здружението, како и изложени македонски орнаменти од приватните колекции на некои од членовите на здружението. Изложено беше и достапно на продажба двотомното издание „Македонија 1 и 2“ според Јозеф Обрембски“ во редакција на Ана Ангелкин, Јоана Рексас и Илија Упалевски од Институтот за етнологија во Варшава.

Следуваше неформалниот дел во бифето на културниот центар каде што присутните имаа прилика да дегустираат вкусна македонска храна како и вината од винаријата Далвина.

При настанот, голем дел од гостите изразија интерес да се приклучат и зачленат во здружението што говори за интересот во прилог на градење на солидно членство во месеците што следуваат.

Здружението за промоција на македонска култура во Полска е непрофитна невладина организација, чија примарна мисија е да ги обедини Македонците кои живеат во Полска, да гради пријателски полско-македонски односи, да ја промовира македонската култура, уметност, јазик и да ги доближи до сите оние кои сакаат да ја запознаат Македонија.

извор Градска.мк