24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

ЦРН ПЕТОК: Дали се реални попустите во продавниците низ Македонија?

Деновиве потрошувачите се бомбардирани со реклами од познати македонски компании кои се вклучија во шопинг лудилото наречено „Црн петок“.

Додека во САД и други земји празникот на купувањето „Црн петок“ е вистинска атракција и потрошувачите можат да пазаруваат по навистина несекојдневни цени, кај нас црниот петок почна пред време како маркетиншки трик.

Голем број компании објавија попусти пред да дојде „Црниот петок“, а некои веќе цел месец нудат попусти, рекламирајќи ги како намалувања за „Црн петок“, иако Blackfriday се паѓа во последната недела од ноември.

Но, повторно истите трикови од страна на компаниите кои објавуваат дека има попусти до -50, -60 или -70 проценти. Купувачите остануваат изненадени кога ќе видат дека објавените попусти важат само на неколку артикли, обично застарена роба.

Останатите артикли, според она што го видовме низ десетина продавници, се намалени за 10-20 отсто, попусти кои и онака се нудат со клуб-картички и купоните кои што редовно се делат на потрошувачите.

Дали новиот Закон за потрошувачи ги штити граѓаните?

Сезонско намалување на стоки и услуги, пресликано од Европа, кај нас ќе може да има само двапати годишно. Акција за еден или повеќе производи во продажни салони, продавници, маркети, ќе трае најмногу 30, а промоција 8 дена, вели новодонесениот Закон за заштита на правата на потрошувачите, со што ќе се сопре чистењето „ѓубре“ од магацините и рафтовите кога ќе им текне на трговците и ќе спречи нелојална конкуренција и профит.

Сезонско намалување продавниците ќе имаат: летно, во периодот помеѓу 25 август и 25 септември во тековната година, и зимско сезонско намалување во периодот помеѓу 25 декември од тековната и 25 јануари од наредната година. Почетокот на попустот ќе мора да се назначи со датум. Трикратно прелепување на „првичната превисока“ цена за да мислите како сте го начекале производот на трето, четврто намалување, не е дозволено.

Со новиот закон се предвидуваат и казни до 10.000 евра за нечесните, измамничките и агресивните трговски практики со цел да се спречи и нелојалната конкуренција и профитерство на грбот на потрошувачите.

Овој закон требаше да стави крај на трговските измами кон потрошувачите, продажба на стоки со истечен рок, наводни попусти кои секојдневно ги гледаме по продавници.

И додека траат попустите производите можат да имаат залепено само две налепници со цена – највисоката и онаа на која се снижува.