15 C
Скопје
22. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Расветлувањето тешки кражби зголемено 19 отсто

Во рамките на серијата посети со проектот „Отворен кабинет“, со кои се опфатени сите сектори за внатрешни работи вклучувајќи ги и одделенијата за внатрешни работи во државата, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари средби со граѓаните во СВР Струмица како дел од веќе утврдениот концепт „МВР за граѓаните“.

„Преку овој проект сакам лично и непосредно да ги слушнам мислењата на граѓаните како полицијата да придонесе за поголемо спокојство на секој поединец бидејќи ние сме тука токму за граѓаните, да се грижиме за нивната безбедност“, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите.

„Утринава, остварив и работна средба со раководството на овој сектор, при што бев запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Струмица, состојбите со криминалитетот, како и активностите што ги преземаат полициските службеници во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста на подрачјето на секторот и заштита на граѓаните. Во согласност со презентираните показатели, безбедносната состојба на ова подрачје е поволна, што е особено важно за локалната заедница, но и во рамките на генералната безбедносна оценка за државата“, рече министерот Спасовски. Притоа тој сподели статистички податоци како поткрепа за оценката на безбедносната состојба.

„Откривачката ефикасност во делот на вкупниот криминалитет на подрачјето на СВР Струмица во првите 10 месеци од 2023 година, во споредба со истиот период претходната година, бележи зголемување за 21 %. Зголемена ефикасност во тековната 2023 година имаме и во делот на класичниот криминалитет, со зголемена реализацијата на кривичните дела за 20 % во споредба со 2022 година. Во делот на тешките кражби, во периодот од јануари до октомври 2023 година имаме зголемување на ефикасноста во расветлувањето на тешките кражби за 19 % во споредба со истиот период 2022 година, а намалување СВР Струмица бележи и во делот на економскиот криминал. Покрај ова, за 19 % се намалени прекршоците во 2023 година во делот на јавниот ред и мир компаративно со десетте месеци од 2022 година. Исто така, во однос на безбедноста на сообраќајот, можам да констатирам дека евидентирано е намалување за 10 % на сообраќајните несреќи со смртни последици, а само во првите 10 месеци од оваа година реализирани се 1.968 превентивни активности на разни теми на подрачјето на СВР Струмица“, истакна министерот Спасовски, со уверување дека и во наредниот период на ова подрачје ќе продолжи зголемената динамика како на превентивните активности така и на репресивните мерки, а средбите со граѓаните во рамките на „Отворен кабинет“ ќе бидат мотив повеќе за уште подобри резултати и силно продолжување на концептот „МВР за граѓаните“.