23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Да се престане со политизација и оцрнување на Клиниката за онкологија, апелираат од оваа институција

Апсолутно, не станува збор за никакво ново откритие или скандал кој беше објавен од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на вчерашниот ден, реагираат од Клиниката за радиотерапија и онкологија по вчерашната прес-конференција на Мицкоски.

Наводите и документите што беа објавени, според надлежните, се дел од документацијата, која уште од почетокот на истрагата им е предадена на сите истражни органи. Истата документација, велат од Клиниката, е во целост ѝ предадена и на анкетната комисија.

„Во однос на конкретните обвинувања, би сакале во целост да ги отфрлиме обвинувањата. Прво, за ненавременото доставување лекови и обвинувањата намерно не се давани негативни референци за компаниите доставувачи, фактите се следни. Клиниката од доставувачите повлекува количини лекови најчесто на месечно ниво. Заради зголемени потреби и нови пациенти, често се случува побрзо исцрпување на повлечените количини и тие да се потрошат порано од планираното. Во тие случаи на доставувачите им треба време за испорачување нови количини. Ова не може да биде предмет на негативна референца. Дополнителна причина за одредени лекови е глобален или регионален недостиг, кој е честа појава за време и по пандемијата.

Во однос на обвинувањето дека на Клиниката се набавувале резерва лекови непотребно – тоа е неосновано и погрешно. Количината за која се обвинува дека била вишок како резерва, не само што не е резерва, туку била неопходна потреба и е во количина за мал број пациенти, и тоа од едниот лек само за 9 пациенти, од друг лек за 5 пациенти. За еден од лековите („абиратерон“) воопшто и немало резерва и жалиме што со вакви неточни информации се манипулира јавноста. Ваквата пракса на менаџирање со лековите на УКРО е нужна и исправна за да не дојде до застој во давањето терапија додека се завршат постапките за нови набавки“.

Апелираат да се престане со политизација на судскиот процес и оцрнување на Клиниката.

Клиниката, додаваат, е транспарентна и отворена за сите институции за овој случај, вклучително и за анкетната комисија. „Ваквите политички манипулирани презентации на документација, која не е ниту тајна ниту скриена, е само обид за злоупотреба на УКРО за дневнополитички цели“, се додава во реакцијата.