15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ – Фабрици „Преку заеднички напори на Италија и Северна Македонија кон остварување на нашите стратешки цели

Заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, одржа средба со Сем Фабрици, специјалниот претставник на комисијата за промоција на „Експо 2030“ во Рим, дипломатот од Министерството за надворешни работи на Република Италија и амбасадорот на Република Италија во Северна Македонија, Андреа Силвестри.

Во фокус беа силната поддршка на Република Италија за нашата држава, нејзин влез во Унијата и проширувањето на ЕУ во смисла на обезбедување стабилност и безбедност на Западен Балкан и цела Европа и кандидатурата на Рим да биде град домаќин на „Експо 2030“ (Светскиот саем 2030).

Од страна на соговорниците беше истакнато дека Италија, заедно со Северна Македонија, дели визија за стабилност, безбедност и раст на регионот. Двете земји како членки на НАТО фокусирано работат на европската перспектива за Северна Македонија истакнувајќи ја важноста од вклучување на земјите кандидати од Западен Балкан во ЕУ, и тоа со заеднички напори за премостување на предизвиците во регионот.

Стратешката цел за Италија е кандидатурата на Рим за град домаќин на Светскиот саем 2030, а темата за „Експо 2030“ е со наслов „Луѓе и територии: регенерација, инклузија и иновации“, која има цел да бара нови решенија, идеи и стратегии поврзани со главните предизвици на човештвото.

Маричиќ истакна дека Северна Македонија ја поддржува Италија во својата кандидатура Рим да биде престолнина на настанот „Експо 2030“.

Соговорниците на крајот ја истакнаа досегашната соработка која ќе продолжи во правец на исполнување на обостраните стратешки цели на нашите држави со надеж за скорешно приклучување на Северна Македонија во ЕУ.