15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба Грковска – Рокгаку: Процената на ризиците од корупција и јакнењето на интегритетот се клучни во превенцијата на корупцијата

Во рамките на работната посета на Атина, Република Грција, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше работен состанок со директорката на Националната агенција за транспарентност, Александра Рокгаку.

Националната агенција за транспарентност, која е главно антикорупциско тело во системот на Грција, се фокусира на детекција, превенција и јакнење на свесноста за корупцијата. На состанокот се разговараше за механизмите со кои се обезбедува поголема соработка и посветеност на институциите во имплементацијата на националниот антикорупциски план, како и за имплементација на ревизиските препораки, известуваат од владината прес-служба.

Вицепремиерката Грковска истакна дека само преку силни механизми и соодветни казни може да се обезбеди ефикасност во справувањето со корупцијата. Во таа насока директорката Рокгаку нагласи дека Агенцијата посветува посебно внимание на менаџирањето на ризиците од корупција, како и на јакнење на интегритетот, што е клучно во делот на превенцијата.

Соговорничките разменија искуства и во однос на политиките за подароци за носителите на функции имајќи го предвид фактот дека Кабинетот за политики за добро владеење работи на подготовка на насоки за пријавување подароци, кои се очекува да бидат усвоени во наредниот период. Истовремено, посебен интерес беше искажан за обуките за почитување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и јавните функционери избрани и именувани од страна на Владата, кои ги спроведува Кабинетот за политики за добро владеење.

Вицепремиерката Грковска ѝ се заблагодари на Рокгаку за нејзиниот придонес при формирањето на форумот на Југоисточна Европа на жени лидерки за добро владеење и антикорупција. Форумот, кој беше формиран на иницијатива на вицепремиерката Грковска, е важна платформа за размена на искуства, идеи и знаења на жените од регионот, кои активно се вклучени во превенирањето и справувањето со корупцијата.

Директорката Рокгаку ја искористи можноста на денешниот состанок за формално преку потпишување на декларацијата да му се приклучи на форумот. Двете соговорнички се согласија дека ваквата комуникација е значајна поддршка за сите жени од регионот, кои работат во оваа област и дека е неопходно во наредниот период таа да се интензивира, се додава во соопштението од владината прес-служба.