24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Работна посета на собраниската делегација во ПАБСЕК во Истанбул

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во ПАБСЕК, во чиј состав се Лидија Тасевска и Вјолца Адеми, учествуваше во работата на Работната група, Комисијата за политички прашања и Комисијата за технологија, што се одржа денеска во Истанбул.

Лидија Тасевска, како шеф на Делегацијата, учествуваше во Работната група, на чиј дневен ред беа Предлог-амандманите на Деловникот за работа, како и на Регулативата на службата на ПАБСЕК.

Тасевска учествуваше и на седницата на Комисијата за правни и политички прашања, каде се расправаше за Предлог-извештајот „30 години од ПАБСЕК – зајакнување на соработката во Регионот на Црното Море”.

Во текот на дискусијата, Тасевска истакна дека како најмлада членка, Северна Македонија е подготвена активно да учествува во разни иницијативи за зајакнување на меѓусебната соработка. Нашата делегација, продолжи Тасевска, е за дијалог и наоѓање заедничка основа за прашања од регионална важност.

Членовите на Комисијата повторно ја избраа Роберта Алма Анастасе за претседателка на Комисијата.

Вјолца Адеми учествуваше на работата на Комисијата за технолошки и еколошки прашања, на која, меѓу другото, се дискутираше за Предлог-извештајот „Национални стратегии во полето на вештачката интелигенција во земјите на БСЕК“.

Во нејзиното обраќање, Вјолца Адеми рече дека во последните две декади, нашата земја има вложено сериозни напори за развој на вештачката интелигенција. Таа подвлече дека Северна Македонија го има признаено важниот потенцијал на вештачката интелигенција во трансформацијата на различни сектори, како што е здравството, финансиите и образованието. Со помош на инвестициите од нашата Влада, се имаат формирано неколку истражувачки центри и институции за унапредување на ова поле, заврши Адеми.