24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Николова: Мицкоски и Муцунски лажат дека Општина Аеродром нема поддршка од Владата

Во недостиг на изговори за двете години потрошени во неработење и лажни ветувања, Тимчо Муцунски и Христијан Мискоски упорно ги лажат граѓаните дека немале поддршка од Владата за Општина Аеродром. Владата предводена од СДСМ изгради целосно нов објект на училиштето „Димитар Македонски“ во Лисиче, со капацитет од над 700 деца, во вредност од над 60 милиони денари, истакна Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.

Муцунски, вели таа, доби и донација од Државната лотарија во висина од 2,6 милиона денари за реконструкцијата на дворот на училиштето „Браќа Миладиновци“ во населбата Острово.

„Летово, Министерството за внатрешни работи почна да го гради новиот објект на полициската станица во Аеродром во вредност од 130 милиони денари. Спротивно на ова, од Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром уште ги чекаме ветените 4 нови градинки (во Мичурин, Острово, Лисиче и Долно Лисиче), проширување и реконструкцијата на објектите на градинките ‘Сонце’, ‘Лале’ и ‘Пчелка’, новиот парк ‘Радост’ на 6.000 квадратни метри во Реонскиот центар, новата гимназија, новата општинска зграда, новиот кружен тек меѓу Мичурин и Стар Аеродром, новиот мултифункционален центар со простории за младински центар, новиот спортски центар ‘Пирин’ во населбата Лисиче, новата спортска сала во Долно Лисиче, музејот на МЗТ, киносалата и театарската сцена во Ново Лисиче, зголемената еднократна помош за новороденче од 8.000 на 20.000 денари, стратегијата за млади, стипендиите за млади таленти во износ од 30.000 денари, спортските субвенции за млади во износ од 600 денари и завршувањето на сите постапки за легализација. Иако наследи полна општинска каса, Тимчо Муцунски потроши два општински буџета, а ништо од овие ветувања не реализира“, рече Николова.

Според неа, додека беше пратеник, како претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Тимчо Муцунски го блокира носењето на законот за заем од Светската банка за реконструкција на локални патишта повеќе од една година.

„Дали е тоа истиот Тимчо Муцунски кој сега како градоначалник бара заем со обврзница во висина од 5,5 милиони евра, со рок на отплата од 10 години и 5 % годишна камата? Притоа потенцирам дека Општина Аеродром е доведена во ситуација да бара заем првпат од нејзиното основање“, прашува Николова.

Како што оценува, две години само лаги, неработење и празни изговори.