25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: МТСП креира политики, програми и мерки, кои имаат за цел активирање на неактивното население на пазарот на труд

Министерството за труд и социјална политика како ресорно министерство со особено внимание креира политики, програми и мерки, кои имаат за цел активирање на неактивното население на пазарот на труд, притоа земајќи ја предвид и родовата еднаквост, вели во интервју за Локално.мк министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на прашањето околу економско зајакнување на жените во државава.

Токму, Секторот за Еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика претставува главен Владин механизам кој што работи на креирање на политики и спроведување на мерки во насока на имплементирање на родовата еднаквост во нашата држава. Како еден од главните чекори во исполнување на таа цел беше донесувањето на Стратегијата за родова еднаквост во 2022 година, која ќе биде со важност до 2027 година. Истата се спроведува преку акциски план на кој главните стратешки цели се да се спроведе ефикасен и ефективен механизам на национално и локално ниво за намалување на стереотипите поврзани со родовите улоги.

Голем исчекор во унапредувањето на родовата еднаквост е направен со отворањето на Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање од страна на Министерството за труд и социјална политика и UN Women и поддршка од Швајцарија и Шведска, во 2022 година. Овој Ресурсен центар спроведе 32 обуки и обучи 420 лица од јавната администрација на тема родова еднаквост и недискриминација. Ова е потенцијал коишто треба да го меинстримира концептот за родова еднаквост во политиките, програмите коишто ги креираат и спроведуваа вклучително и во областа на работата и работните односи.

Министерството за труд и социјална политика секоја година го креира Оперативниот план за активни програми и мерки, чиј имплементатор е Агенцијата за вработување, а каде што како најатрактивна мерка се издвојува мерката за самовработување, која им овозможува на жените да отворат свои бизниси. Речиси половина од корисниците се млади девојки. Тука ќе ја спомнам мерката за стекнување на ИТ вештини каде за оваа година ја зголемивме возрасната граница од 29 на 40 години за да оствариме опфат на повеќе жени. Преку ваквите мерки вклучуваме жени кои не можат да најдат работа, можам да посочам дека успешно ги извлекуваме од системот за социјална заштита и ги интегрираме на пазарот на трудот.

Уште еден значаен сегмент кој придонесува кон намалување на јазот на учеството на жените на пазарот на трудот е Развојот на социјалните услуги кои ги поттикнува МТСП. Имено со воспоставувањето на социјалните услуги за Лична асистенција и Помош и нега во домот се овозможува намалување на обврските на жените и можност за вклучување на жените на пазарот на трудот – ако се има во предвид дека традиционално жените се тие кои се грижат за децата, за повозрасните членови во домот. Преку услугата помош и нега во домот се придонесува и тешко вработливите жени, да бидат активирани во давањето на оваа услуга.

Во насока на активирање на пазарот на труд на жените е и отворањето на детски градинки и во руралните и градските средини каде што ќе бидат згрижени нивните деца. Од 2017 година досега отворивме 81 детска градинка, со опфат на близу 6000 деца. Тоа им овозможува активирање на жените на пазарот на труд и воедно нивна економска самостојност и стабилност.

Значајно е да се истакне за дека преку соработката со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика, се изнајде соодветно решение преку Програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност и истата започна да се имплементира во 2023 година. Во неа се лоцирани 4 милиони денари кои ќе се користат за финансиска поддршка за мајчинство на жените во период од 9 месеци кои имаат статус на осигурени – индивидуални земјоделки.

Дополнително, со Програмата за рурален развој со мерката „115 Рурална жена„ се овозможува економско јакнење на жените земјоделки. Во 2022 за оваа мерка зголемен е износот на 6.000 евра по корисник, средства кои се наменети за доработка и преработка на примарни земјоделски производи, како и за набавка на опрема за директен маркетинг на фармата и сл.

Двете кампањи на Министерството за труд и социјална политика „Гласна и храбра“ и „Остави трага“ спроведени оваа година низ целата држава ја поттикнаа дискусијата во општеството за поголемо економско зајакнување на жените.