Владата од почетокот на енергетската криза, а претходно и за време на пандемијата, даде силен, навремен и прецизен фискален одговор, кој беше значаен за амортизирање на надворешните шокови.И покрај неколкуте кризи со кои се соочивме последните 3 години, успеавме да го преполовиме фискалниот дефицит, како преку рационализација на трошоците, така и преку подобрување на наплатата на приходите, истакна премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на Инфо сесијата посветена на стопанствениците „Довербата расте“.
Тој посочи дека државната поддршка за стопанството е сериозна. Речиси, 150 милиони евра изнесува буџетската поддршка за домашните и странските компании годинава или петпати повеќе во споредба со периодот од пред пет години. Директните субвенции од Буџетот во стопанството по основ на инвестиции, но и врз основа на други програми од 1,9 милијарди денари во 2017 година се покачија на 7,76 милијарди денари годинава.
„Работиме домаќински и одговорно, буџетот е стабилен, а државата е финансиски ликвидина и солвентна. Нашата домашна валута денарот е исто така сидрото на стабилноста на нашата економија. Она што е важно, е дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно остануваме на златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели“, потенцираше Ковачевски.
Тој потсети дека на глобално ниво војната во Украина влијаела на забавување на севкупниот економски раст. Но, дека енергичниот одговор на Владата преку субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите и средни компании, како и растот на минималната плата, амортизирале дел од овие глобални негативни ефекти. Во извештаите на Светската банка и на ММФ, се поздравува соодветниот одговор на инфлацијата преку спроведување на фискалната консолидација, како и преку спроведување на монетарната политика. Соодветните политики беа основа и за подобрување на кредитниот рејтинг на земјава, односно на изгледите на истиот, од негативен во стабилен изглед, за првпат во изминатите четири години. Според Агенцијата ФИЧ кредитниот рејтинг се оцени на ББ+ со стабилен изглед.
Дека мерките даваат резултат јасно е отсликано и преку трендот на намалување на инфлацијата кој ќе продолжи и понатаму. Инфлацијата во август беше 8,3 проценти, а во октомври минатата година беше дури 19,8 отсто, заклучи Ковачевски.