12.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Почна состанокот на процесот „Брдо – Бриони“ во Скопје

Во Скопје, денеска, почна самитот на лидерите на процесот „Брдо – Бриони“.

Домаќини на средбата се претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, и претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар.

Тие ги пречекуваа лидерите на другите земји учеснички во процесот во хотелот „Хилтон“, каде што се одржува состанокот.

Присутни се и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и членовите на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

По пленарниот состанок, претседателот Пендаровски ќе одржи заедничка прес-конференција со словенечката претседателка Пирц-Мусар и со претседателот на Хрватска, Милановиќ.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички во процесот „Брдо – Бриони“ во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите.

Процесот „Брдо – Бриони“ првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска во Брдо кај Крањ.

Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Лидерите на земјите во процесот „Брдо – Бриони“ се состануваат најмалку еднаш годишно.

На состанокот се акредитирани 125 претставници на медиумите, 72 од нашата држава и 53 од странство.