Во изминатите три години имаме сериозен дебаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во Европската Унија и надминување на билатералните спорови бидејќи билатералниот спор со Бугарија, за жал, ја покри целокупната традиционална агенда за пристапување, рече Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со Наташа Пирц-Мусар и Зоран Милановиќ.
„Во однос на нашата земја, нашите аспирации, нашиот пат досега, јасно е дека постои прилично голем дебаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и билатералните односи со најмалку двајца од нашите соседи. Во изминатите три години ние имаме сериозен дебаланс во таа смисла затоа што билатералниот проблем со Бугарија ја покри, за жал, целокупната традиционална агенда за пристапување. Ние се надеваме дека најбргу што може тоа ќе се промени бидејќи ако во Западен Балкан инсистираме најпрвин да бидат решени чисто билатералните спорови и особено ако тие се потпираат на историја и на емоции, тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе кога било во ЕУ“, одговори Пендаровски на новинарското прашање во врска со тоа дали во однос на државите од Западен Балкан е поважно да ги решат чисто билатералните спорови отколку да ги исполнат критериумите за членство содржани во поглавјата.
Во однос на предлогот на Макрон, првин да има продлабочување во Унијата, па потоа проширување, Пендаровски рече дека тоа не треба да нè загрижува затоа што не е формален предлог на францускиот претседател.
„Тоа е стар предлог на францускиот претседател, со тезата дека треба да има првин продлабочување пред да има проширување. Првин да се изменат клучните процедури за вклучување во ЕУ, па дури потоа да се размислува за проширување. Такво нешто не се случува. Има симболични придвижувања, но сепак има движење напред во однос на статусот на државите од Западен Балкан кон ЕУ, и Украина и Молдавија не чекаа продлабочување на Европската Унија, туку влегоа во процедура за проширување.
Објективно ако зборуваме, во ЕУ со години има две или повеќе брзини. Не сите земји членки се дел од еврозоната, не сите земји членки се дел од шенген-зоната. Тоа на практично ниво не би требало да биде големо изненадување. Ова не е формален предлог на Макрон, немаме причина за загриженост. Нема да станеме членка утре, па да бидеме загрижени“, рече Пендаровски.