24.8 C
Скопје
25. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Да не се потценува временската рамка за носење на уставните измени, порача германскиот пратеник за Западен Балкан, Сарацин

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој порача дека не треба да се потценува временскиот период за донесувањето на уставните измени.

На средбата присуствуваа германската амбасадорка, Петра Дрекслер, и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Сарацин ја поздрави одличната соработка со германскиот Бундестаг и особено размената на искуства за собраниското обезбедување.

Во рамките на својата функција ги понуди помошта и поддршката за унапредување на процесот на евроинтеграции истакнувајќи дека Сојузна Република Германија посакува процесот на уставните измени да се заокружи што е можно побргу. Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на нашата земја од другите, без исполнување на потребните европски барања, е неизбежен. Од тие причини важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување. Негово видување е дека многу време е изгубено во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти.

Џафери изрази особена благодарност за личниот ангажман на соговорникот, како и на посветената и континуираната поддршка на Сојузна Република Германија за реализацијата на двете стратешки цели на земјата: претходно членството во НАТО и сега актуелното – пристапувањето кон полноправно членство во Европската Унија.

Беше потенцирана изразено видливата парламентарна соработка со германскиот Бундестаг во последните неколку години на сите нивоа, вклучително и ИПС-стипендиската програма и проектот за независно собраниско обезбедување. Џафери информира и за активностите што како земја ги преземаме во однос на обврските од членството во НАТО, за поддршката на Украина, како и за актуелниот процес за пристапување кон измена на Уставот како единствен предуслов што треба да се заокружи за отворање на преговарачките поглавја.

Двајцата соговорници ги поздравија одличната соработка на економски план и дијаспората во Сојузна Република Германија, која претставува солидна основа за поголемо зближување и соработка меѓу двете држави.