23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Обвинение за двајца скопјани за грабнувањето на внукот на Бошковски: Намерата им била да ја плати дрогата која ја украл

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица за грабнување на внукот на Љубе Бошковски, Самоил Костадиновски, а намерата им била да ја плати дрогата која претходно ја украл, хероин во количина од 4 килограми.

„Едното лице е обвинето за кривично дело – Грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1, сторено во соизвршителство, додека второто е обвинето за помагање при извршувањето на кривичното дело. За истиот настан, постапката против уште едно лице е привремено прекината до негово пронаоѓање и лишување од слобода. На 3 март, на улицата „Христо Татарчев“, првообвинетиот, заедно со лицето кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, извршиле грабнување на едно лице, со закана дека ќе го лишат од живот. Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – хероин во количина од 4 килограми“, соопштија од Јавно обвинителство.

Второто лице опфатено со Обвинителниот акт со умисла им помогнало, ставајќи им на располагање средство за извршување на кривичното дело – автомобил „Волво В40“ со скопски регистарски ознаки.

„Со возилото обвинетите го однеле оштетениот на непознато место спротивно на неговата волја. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.

Со цел да се прикријат трагите, возилото со кое е извршено кривичното дело и во кое последен пат бил виден оштетениот, било опожарено во Драчево.

Јавниот обвинител, со поднесување на обвинението, предложи да биде продолжена мерката притвор за првообвинетиот, додека за помагачот претходно определените мерки на претпазливост да се заменат со мерка куќен притвор“, дополнуваат од Јавно Обвинителство.

Претходно беше и пукано кон таткото на Самоил. Таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски, познат како внук на политичарот Љубе Бошкоски, нудеше парична награда за негово пронаоѓање. Пукањето се случило кога таткото на Самоил се движел кон семејната куќа во Лисиче, а напаѓачот пукал од мотор во движење.

За исчезнувањето на Самоил пријавил неговиот 32-годишен брат во осум часот наутро на 4 март по што од МВР биле преземени соодветни мерки за негово пронаоѓање. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потврди дека се постапува по случајот со исчезнувањето на 26-годишното момче, кое, според пишувањата во медиумите, е роднина на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Семејството на исчезнатиот повеќе месеци чекаше било каква информација за Костадиновски. Тие побараа помош и од граѓаните, кои имаат сознанија, за истите да ги споделат со полицијата.