Македонската Банкарска Асоцијација, изразува најoстра реакција на непрофесионално изнесени наводи и наслов кај одредени медиуми во врска со висината и начинот на пресметување на надоместоци за прифаќање на банкарски картички.
Жалиме што сме принудени да констатираме дека извлечените наводи и заклучоци се направени целосно непрофесионално од новинарски аспект и без никаква компаративна анализа (споредба со други држави, како и анализа на регулативата за соодветната област). Имено, онлајн (e-commerce) трговијата во нашата држава се извршува доминантно (повеќе од 95%) преку меѓународните платежни компании Visa/MasterCard, при што висината на надоместоците зависи од повеќе параметри, како што се трошоците што банките ги имаат кон овие меѓународни компании, кон процесинг центрите што се користат, инвестициите во инфраструктура и безбедност на плаќањата, заменските надоместоци и слично. Но, најважно од се е тоа што компаративно, трошоците за онлајн (e-commerce) трансакциите во нашата земја се едни од најниските во светски рамки, имајќи во предвид дека просечните трошоци во одредени региони во светот се повисоки, што лесно се проверува со едноставно пребарување на интернет. Освен различните надоместоци по дејности и типови на картички дефинирани од страна на давателите на лиценците(Visa/MasterCard) и релевантната регулатива, неопходно е да се истакне дека секоја дејност и секој трговец има специфичен микс на трансакции што води кон соодветно тарифирање, адекватно на трошоците за извршување на овие трансакции (идентично како и во секоја друга дејност во која пазарно се одредуваат цените на производите/услугите).
Имајќи предвид дека се работи за финансиска област (во светот позната уште како платежна индустрија), која бара одредено ниво на стручни познавања, потсетуваме дека стручните лица и служби во банкарскиот сектор се секогаш достапни на новинарите за појаснувања околу конкретната материја со цел новинарските анализи да бидат објективни и професионални.