25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Средба со претставници на Сојузот на средношколци: Народната банка со поддршка за вклучување на финансиската едукација во образовниот процес

Финансиската едукација овозможува подобро разбирање на финансиските производи, концепти и ризици, како и развој на способностите за носење издржани финансиски одлуки, што придонесува за поголема општествена благосостојба. Затоа, финансиската едукација е еден од стратегиските приоритети на Народната банка, при што посебно внимание ѝ се посветува на едукацијата на младите, кои се носечки столб на иднината на општеството. Ова беше посочено од страна на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на средбата со претседателот на Сојузот на средношколци Берин Мухамед. На средбата присуствуваа и вицегувернерката Ана Митреска и главната економистка Анета Крстевска, како и претставниците на Сојузот на средношколци Ана Младенова, Ива Трпески, Влатко Стојкоски, Ана Бошкова, Гент Бина и Филип Најдовски.

Последниве години Народната банка вложува зголемени напори за зајакнување на финансиската едукација и инклузија, во согласност со првата национална стратегија во овој домен, донесена од страна на финансиските регулатори, предводени од Народната банка. Меѓу другото, активностите на Народната банка ги имаат предвид и резултатите од Анкетата на Народната банка, која покажа дека околу половина од младите сметаат дека располагаат со делумно знаење за управувањето со парите. Најголемиот дел од нив учат за управувањето со парите од своите семејства, а во однос на начинот на едукација, сметаат дека најдобро можат да се стекнат со финансиски знаења преку класични предавања, во комбинација со едукативни материјали на интернет и видеоматеријали.

На средбата, претставниците на Сојузот го истакнаа финансиското образование како еден од приоритетите на средношколците, нагласувајќи ја потребата од воведување на финансиското образование во формалниот образовен процес. На средбата, претставниците на Сојузот на средношколци ја презентираа и својата публикација „Изучување на граѓанското и финансиското образование, медиумска писменост и дебатата во средните училишта како предуслов за градење активни граѓани“, каде што се прави осврт на клучните полиња во кои младите имаат потреба за продлабочување на формалното образование, заради нивна поголема вклучевност и активност. Изучувањето на финансиската едукација во образовниот процес е заложба и на Народната банка, којашто би се остварила преку воведување посебен предмет или посеопфатно вклучување на одделни сегменти во постојните предмети (иако и сега е делумно застапено во основното и средното образование). Ова е предвидено како посебна активност во Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, за што се остварува постојана соработка со Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука.