„САД биле, се и ќе бидата со нас во текот на сите клучни процеси за демократскиот напредок од независноста до денес и се најголем поддржувач на остварувањето на стратешките цели на земјата, а тоа се членството во НАТО и ЕУ“ рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција со заменик-помошникот државен секретар на САД Ескобар.
Тој додаде дека јасна е пораката од САД дека по членството во НАТО, Северна Македонија треба да стане членка и на ЕУ бидејќи тоа е единствената алтернатива и директен интерес и барање на граѓаните.
„Граѓаните сакаат да живеат во ЕУ, сакаат подобар животен стандард, подобра инфраструктура, врвна демократија и подобро владеење на правото. Сакаат подобар живот, по европски стандарди. Сакаат децата да им останат тука и тука да ја градат европската иднина“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека очекува пратениците како претставници на граѓаните да се одважат и да донесат храбра одлука за продолжување на европските интеграции што ќе ни овозможи до 2030 година да станеме членка на ЕУ.
„Секој друг исход ќе значи неизвесна иднина за граѓаните. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска и заостанавме 17 години во европските интеграции. Ако денес се одвоиме од Албанија, Црна Гора и Србија никој не гарантира кога и на каков начин ќе станеме членка на ЕУ“ рече Ковачевски.