Пет арбитражни постапки за прекршени договори за заштита на инвестиции може да ги чинат граѓаните 1,3 милијарди евра, предупреди денес вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој од 2017 година е координатор за арбитражните постапки против државата. Активните пет арбитражи се за договори направени пред 2017 година. Последните две, поднесени ова лето, се однесуваат на стопираната изградба на Шпански скали на плоштад Македонија во Скопје заедно со хотел и деловна зграда од албанската групација „Амадеус“ за која добиле известување пред една недела, а другата е иницирана од италијанската „ФЦЛ Амбиенте“ на која и беше раскинат договорот за партнерство во депонијата Дрисла.
„Овие два случаи кај јавноста предизвикаа навистина голем интерес во минатото и сите бевме запознаени во детали со постапките. Првиот е во судски процедури за кривични дела на вмешаните во постапките, а граѓаните беа јасно и гласно против двете донесени одлуки. Несовесното раководење, договорите во четири очи, негрижата за јавното добро и години владеење на ВМРО – ДПМНЕ ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на нашите граѓани место да бидат употребени за развојни проекти сега ќе треба да се користат за одбрана на државата и нејзините интереси во меѓународните спорови“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој извести дека за групацијата „Амадеус“ за неизградените шпански скали во Скопје, во овој момент бара обесштетување од 110 милиони американски долари, а Италијанците „ФЦЛ Амбиенте“ најавиле дека во постапката ќе се утврди износот на отштетата која ќе ја побараат за раскинатиот договор за партнерство со Градот во Дрисла.
Детали за постапките не изнесе оти процесот е веќе почнат но најави дека за сите новости ќе ја извести јавноста. Во овој момент, рече дека најголем аргумент на нашата држава е тоа што граѓаните се тие кои одбиваа такви договори и го оспоруваа начинот на потпишување, а понатаму ќе преземат правниците. Битиќи цени дека овие две постапки ќе траат две до три години. Тврди дека мора да се воспостави начин да се бара одговорност од потписниците на штетните договори.
„Јас цврсто стојам на ставот дека лична одговорност мора да има секој еден денар кој евентуално не е добро искористен во оваа држава. Мора еднаш засекогаш да се знае дека никој не може да се крие зад колективната одговорност. Секој еден што потпишал штетен договор, кој може да ја чини државата, треба да сноси одговорност“, рече вицепремиерот Битиќи.
Доколку државата изгуби некој од споровите, Битиќи посочи дека на потег ќе биде Обвинителството, кое ќе ја добие сета документација од арбитражата и од обвинителите зависи дали и колку ќе одговараат лицата кои склучувале штетни договори за државата.