22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Крушево станува топ дестинација за змејари и параглајдеристи во Европа, над 2500 пилоти го посетија оваа летна сезона

Вчера заврши Светското првенство во змејарство – Крушево 2023 на кое што учествуваа над 130 од најдобрите пилоти од 21 држава. Првенството траеше две недели, а според градските власти оваа летна сезона во Крушево поминаа околу 2500 змејари и параглајдеристи.

Крушево е помеѓу топ светските дестинации за овие спортови и речиси секој викенд има некаков натпревар или настан. Општината, предводена од градоначалникот Томе Христоски вложува максимални напори за промоција на Крушево како дестинација за развој на воздухопловните спортови.

„Во моментов работиме на инфраструктура, односно комплетна проектна документација за ново полетиште, алтернативно полетиште, затоа што овие меѓународни натпревари бараат самостојност во извршувањето на нивните задачи и нивните натпреварувања. Со тоа самите професионалци бараат одделен простор за полетување, но и оние кои доаѓаат аматерски треба да дојдат и достојно да полетуваат од друго алтернативно полетувалиште“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Пилотите кои го посетуваат Крушево се задоволни од условите и од природата во највисокиот македонски град и посочуваат дека доколку се обезбеди алтернативното полетиште, за деновите кога има неповолни ветрови, тогаш Крушево ќе биде најдоброто место во Европа за змејари и параглајдеристи.