Поранешната шефица на бугарската дипломатија и актуелен пратеник од редовите на ГЕРБ во изјава за БГНЕС вели дека и Софија, и Скопје губат од лошите односи и оти е корисно дветe земји да отворат нова страница.
Повод за нејзиниот коментар е претстојното гласање во македонскиот парламент за вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ. Ова е едно од главните барања утврдени во т.н „француски предлог“ што властите во Скопје се согласија да го спроведат пред да започнат пристапните преговори.
„Измена на Уставот на РСМ не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во РСМ и тоа мора да се прифати“, потенцира Захариева.
Таа е категорична дека е корисно за двете земји да отворат нова страница во односите.
„И Софија и Скопје губат од лошите односи. Многу е подобро да немаме граници меѓу нас и да се развива бизнисот. Важно е луѓето да можат слободно да се среќаваат и да комуницираат без страв“, рече Захариева.
Истовремено, таа потсети дека за сето ова да се случи Скопје мора да ги исполни условите од преговарачката рамка и да прифати дека Бугарите се дел од РСМ.
„Мора да се прекине дискриминацијата врз Бугарите, како и неодамна зачестените случаи на физичко и вербално насилство“, повика Екатерина Захариева.