„Грижата за нашата највозрасна популација, пензионерите е еден од приоритетите на Владата на Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика“, вели министерката Јована Тренчевска во интервју за рацин.мк. Таа потсети дека Владата заедно со претставниците на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и Партијата на пензионерите, го отворила прашањето за изнаоѓање на најсоодветно решение за постојан раст на пензиите преку воспоставување нова методологија.
-Заеднички дојдовме до најсоодветното решение а тоа е пензиите да се усогласуваат со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот. После една година од нејзиното усвојување заклучокот е дека овој начин на усогласување на пензиите е најреален. Затоа што ги следи двата клучни индикатори: трошоците за живот и просечната плата, истакна Тренчевска.
Министерката вели дека токму поради оваа нова методологија пензиите растат во континуитет.
-Да потсетам дека согласно претходната методологија пензиите во месец јануари 2022 година пораснаа за 2.9 отсто. Со новата методологија пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Во Септември 2022 година- 6.8 отсто, Март 2023 година – 8.4 отсто и моменталната проекција за Септември 2023 година – најмалку 6 отсто. Тоа е раст на пензиите од околу 21 отсто или раст за околу 24 отсто од јануари 2022 до септември 2023 година. Односно за времето од овој владин состав. Резултатите се потврда дека оваа Влада предводена од СДСМ и коалицијата носи политики од кои директни придобивки имаат граѓаните, додаде министерката за труд и социјална политика.