Кој е виновен за сегашната состојба околу рудникот „Иловица“ која може да прерасне во арбитражна постапка која се заканува со пенали од над една милијарда евра? Оваа жешка тема се најде и на денешната собраниска седница за пратенички прашања, откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски упати серија обвинувања до Владата и нејзината одлука од 27 јуни годинава со која ги спои двете концесии на „Еуромакс“, што беше поништена завчера.
Според Јаревски, коренот на проблемот е во владата на СДСМ од 2006 година, кога била издадена првата концесија за геолошки истражувања, а ова што денеска се случува само потврдува дека зад „Иловица“ стојат други интереси, а не оние на граѓаните.
Министерот за економија Крешник Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски, во одговорите не му останаа должни, посочувајќи ја улогата која во давањето позитивни мислења и во одобрувањето на концесиите за „Иловица“ ја имале многубројни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, од кои некои и денес се активни, како пратеници во Собранието или советници во партијата.
„Уште на 25 април во 2006 година претходна генерација на СДСМ и ДУИ носи одлука за давање концесија која што е коренот на проблемот кој што денеска го имаме со рудникот Штука и Иловица“, рече Јаревски.
Тој праша зошто Владата дозволи спојување на концесиите бидејќи имала информација дека граѓаните се против отворање рудник.
„Се случува ситуација во која никој ништо не знае што се случува. Министерката Шукова вели дека не била добро запознаена оти немале доволно документи, Оливер Спасовски вели дека гласале но не знаеле што гласале, за конечно вчера да имаме мега конференција на Бектеши каде што вели дека ако велат дека сум измамник, јас сум ситен измамник, за разлика тие од владата, бидејќи им предложил и документи и ја објаснил процедурата и многу добро знаеле за што дискутирале и што одлучиле“, рече Јаревски.
„Знаевте дека со одлука за спојување на концесиите и неисполнување на истата ѝ давате правна можност на фирмата да може да ја тужи Македонија и да тужи на арбитражен суд и да му се исплатата над милијарда евра од државниот буџет на Дестани и на ‘Еуромакс ресуорсис’“, додаде пратеникот, прашувајќи уште како сите овие години нема студија за животна средина.
На ова министерот Бектеши рече одговори со контра обвинувања, посочувајќи повеќе имиња од ВМРО-ДПМНЕ кои се вклучени во разни фази од давањето дозволи за истражување и за експлоатација на „Иловица“.
„Ме чуди само еден факт, излегувате на говорница и имате страв да споменувате имиња кои директно се поврзани со случајот ‘Иловица’“, рече Бектеши.
Тој посочи дека вчера беа објавени сите документи поцврзани со „Иловица“ од кои се гледа дека на првата концесија бил потпишан Зоран Ставрески, како заменик-претседател на тогашната влада.
„На втората концесија е потпишан Никола Груевски. Барање за спојување на концесии на седница на влада доставил Никола Груевски, во 2015, односно 2016 година. Тоа беше објавено вчера, зошто не излеговте на прес-конференција да кажете дека не е се точни овие информации“, рече Бектеши, реторички прашувајќи и зошто денес на седница не се дојдени Владо Мисајловски и Љупчо Димовски кога се поставуваат вакви прашања?
„Заради тоа што Љупчо Димовски, пратеник од вашата пратеничка група, не еднаш, не два пати или три пати, туку повеќе од пет пати дал позитивно мислење за рудникот ‘Иловица’. Мисајловски, ваш потпретседател во партијата дал позитивно мислење кога бил министер за транспорт и врски, а да не спомнувам и други ваши колеги кои тогаш работеле во тие институции и биле исто така потпишани“, реагираше Бектеши.
Јаревски на ова реагираше дека втората концесија од 2016 година била со рок од четири години за да се поднесе барање за експлоатација, но тоа не било поднесено, прашувајќи го премиерот зошто воопшто не е поништена и наместо поништување, концесиите биле споени со што договорот се враќа во живот, како и дека тоа е основа да се излезе пред арбитражен суд и да се изгубат една милијарда евра.
Премиерот Ковачевски, во одговор на прашањето рече дека вчера министерот за економија ги објави сите документи од 2005 година до сега, со сите мислења и одобрувања на концесиите.
„Но, се виде и една многу интересна работа, на графиконот каде што е обележена првата концесија и втората концесија. Тоа е многу интересно како е направено. Втората концесија комплетно ја заобиколува првата концесија. Зошто е тоа направено, единствено одговор може да дадат тие кои што одобриле концесиско продрачје врз веќе дадено концесиско подрачје“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ако се погледнат документите кои се објавени на сајтот на МЕ, може да се види дека таа концесија ја издал Никола Груевски, со позитивни мислења од тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, за земјоделство Љупчо Димовски, како и низа мислења бидејќи се работи за постапка во три чекори, дадени од Владо Мисајловски, Паско Кузман и други.
„Второ, кога веќе некому му дале концесија каде што втората се наоѓа комплетно врз првата концесија, согласно закон тој има право да побара спојување на концесиите. На сајтот на Министерството за економија е објавен и записникот од вашата влада за спојување на концесиите и таму пишува дека нема никакви забелешки да се спојат“, реагираше Ковачевски, посочувајќи дека и Јавното обвинителство има достап до тие документи.
„Можеби дел од овие кои ги спомнав и се дел од вашата партија како пратеници или советници смениле мислење, но треба да кажат“, рече Ковачевски.
Во однос на одлуките кои што беа донесени, тој рече дека се врз основа на судска одлука од Управен суд.
„Но, да дадете концесија еден и врз неа да издадете концесија два и да потпише записник во 2016 година да се спојат, е тоа ќе прашате кај вас, а не кај оваа влада“, рече Ковачевски.
На ова Јаревски реагираше дека сепак, имало рок од четири години кој што не бил испочитуван.
„Зошто законот не бил испочитуван? Ќе се решело тоа уште во 2020 година, и ако некој сака тоа искрено да го направи може и сега да постапи – Бектеши рече дека има цела лепеза, може тоа уште во наредните денови“, рече Јаревски.
Што кажа вчера на прес конференција министерот Бектеши
Вчера на прес-конференција министерот Бектеши нашироко ја образложи целата постапка за доделување концесии за рудникот „Иловица“, од почетната за истражување на наоѓалиштето, па се до спојувањето на концесиите.
„За да не се направи заблуда, генерално, најважни одлуки во делот на издавање на концесии за минерални суровини се одлука за детални геолошки истражувања, како прва постапка, одлука за давање концесија за експлоатација која е втора постапка, и крајна постапка, пред да почне со работа одреден концесионер, е дозвола за експлоатација на рудата за која ги завршил истражувањата и добил договор за експлоатација“, рече Бектеши прецизирајќи дека првата одлука за истражување била донесена во владата со премиер Владо Бучковски.
Откако е донесена одлуката бил потпишан договорот за детални геолошки истражувања од страна на Министерството за економија (станува збор за првата концесија, бидејќи во тоа време за втората концесија не се започнати постапките). Во меѓувреме се менува законот за минерални суровини, при што се менува и постапката на давање на концесии, почнувајќи од постапката за детални геолошки истражувања и требало да се објави јавен повик.
Откако е донесена одлуката и е потпишан договорот за детални геолошки истражувања, следи втората фаза, во која концесионерот доставува барање за експлоатација.
Бектеши прецизира дека не станува збор за дозвола за експлоатација.
„Согласно нивното барање (на концесионерот – н.з.), Министерството за економија доставило барање до институциите согласно законот за минерални суровини, во 2011 – 2012 година. И е побарано од министерството за животна средина и од нивна страна е доставено позитивно мислење за експлоатација. Првото мислење беше за истражување, а ова е за експлоатација, потпишано од тогашниот директор на Управата за животна средина Филип Иванов“, рече Бектеши.
Дополнително, било побарано и мислење во делот на управување со води кое било во надлежност на Министерството за животна средина и истото мислење е позитивно и е потпишано од истиот директор.
„До овој момент зборуваме за три позитивни мислења од страна на Министерството за животна средина само за првата концесија во тоа време на ФЕЛПС, денешниот ‘Еуромакс’“, рече Бектеши.
Согласно законот е побарано мислење и од страна на Министерството за култура, поточно од Управата за заштита на културното наследство, при што тоа е добиено и е потпишано од тогашниот директор Паско Кузман.
Дополнително на тоа е побарано мислење од Министерството за земјоделство, добиен е исто така позитивен одговор од страна на министерот Љупчо Димовски. Побарано е мислење и од Транспорт и врски во делот на пристапни патишта, и е добиено позитивно мислење од тогашниот министер Миле Јанакиески. Дополнително од Министерство за земјоделство, затоа што едното е во делот на управување со шумите, другото е со земјоделското земјиште. И второто мислење е позитивно и потпишано од министерот Димовски, посочи Бектеши.
Тој објасни дека на 05. 03. 2012 година во Министерството за економија било пристигнато позитивно мислење и од страна на општина Босилово, потпишано од градоначалникот Љупчо Колев, како и од Советот на Општина Босилово, потпишано од тогашниот претседател на советот Никола Милчев.
Откако се добиени сите позитивни мислења, согласно Законот за минерални суровини Министерството за економија по службена должност дало предлог одлука до Владата, по што е донесена одлука за доделување концесија за експлоатација, од страна на тогашната влада, на 16 јуни 2012 година и е потпишана од Зоран Ставрески, по што е објавена и во „Службен весник“.
Потоа, е потпишан договор со концесионерот за концесија за експлоатација на минерална суровина во општина Босилово, село Иловица и е потпишан од тогашниот министер Беким Незири.
Откако е завршена и втората фаза за првата концесија, во меѓувреме Владата донела одлука за објавување јавен повик за втората концесија која ја заобиколува првата концесија.
„Зошто е донесена ваква одлука? Зошто се земени вакви координати и усвоени од страна на Владата треба да одговорат оние кои што ги направиле теренските увиди на местото и локациите, а секако треба да кажат и институциите кои што се надлежни за оваа област“, рече Бектеши.
Тој додаде дека ниту една од институциите во делот на катастарските парцели од 2005 година до денешниот ден нема негативно мислење, или пак забелешка и во делот на животна средина и во делот со управување на земјоделско земјиште и со управување со води, шуми и тн.
Во однос на постапката за втората концесија, Министерството за економија со одлука на Влада за втората концесија објавило јавен повик за детални геолошки истражувања, што е прва фаза.
Побарани се и се добиени позитивни мислења од органите на државата управа како што се животна средина, култура, шумарство, водостопанство, транспорт, земјоделие и секако општините.
„За да биде јасно за граѓаните, во делот на мислењата што ги побара Министерството за економија, за детални геолошки истражувања за втората концесија овие мислења се прибавени: од Министерство за култура, Управа за заштита на културно наследство, позитивно мислење потпишано од директорот Паско Кузман, Министерство за животна средина, позитивно мислење потпишано од Управата за животна средина, директор Филип Иванов, Транспорт и врски потпишано од заменик-министер Горан Михајловски, од Земјоделие позитивно мислење од министерот Љупчо Димовски, како и од директорот на управата за водостопанство Методија Томески. Согласно овие мислења се објавува јавниот повик на кој учествува истата компанија ФЕЛП и ја добива концесијата“, рече Бектеши.
Откако завршила процедурата за јавно наддавање, Министерството за економија ја известува владата дека е завршена процедурата согласно Законот за минерални суровини и согласно предлогот на МЕ и прибавените позитивни мислења Владата донела одлука за доделување концесија за детални геолошки истражувања, од 7 декември 2010 година потпишана од Зоран Ставрески кој ја водел владината седница.
„Зборуваме за истражување и за втората концесија“, рече Бектеши.
Откако е донесена одлуката на Владата, Министерството за економија потпишало концесија за детални геолошки истражувања на минерални суровини бакар и злато во општина Босилово и е потпишана од страна на тогашниот министер Фатмир Бесими.
Според Бектеши, откако се потпишал договорот за истражување, право на секој концесионер е да оди на втора фаза, како што беше посочен примерот со првата концесија и откако доставиле барање да добијат концесија од страна на Владата за експлоатација и ги доставиле сите потребни документи како концесионери, МЕ по службена должност побарала мислења од институциите како и при првата концесија. Таквите мислења биле добиени, по четврти или петти пат од Земјоделие, за експлоатација потпишано од министерот Михаил Цветков, од Животна средина од Нурхан Изаири министер, од Транспорт и врски – Владо Мисајловски министер, од Управата за заштита на култрно наследство – директор Виктор Адамс, од Завод на заштита на спомениците на културата музеј Струмица (в.д. директор Зоран Рујак).
Разликата е што во првата концесија мислење е побарано само од општина Босилово, а сега и од Ново Село, за што се добиени позитивни мислења (тогашен градоначалник на Босилово Љупчо Колев, кој побарал и од Советот со тогашен претседател Софче Поповска-Георгиева). Бидејќи втората концесија влегува и во просторот на Ново Село било побарано и добиено е позитивно мислење и од општина Ново Село, во тоа време градоначалник е Блажо Велков.
„Откако се прибавени сите мислења согласно законот за минерални сурови и службена должност од МЕ е доставена информација до Владата и е донесена одлука за доделување концесија за експлоатација за втората концесија на 29 декември 2015 година потпишана од Никола Груевски“, рече Бектеши.
Откако е донесена одлуката, значи е завршена втората фаза, каде што добива договор за експлоатација, Министерството за економија, согласно одлуката на Владата објавена во „Службен весник“ потпишува договор за концесија за експлоатација на минерална суровина бакар и злато на локалитетот „Иловица“ во општините Босилово и Ново Село и договорот е потпишан од тогашниот министер Беким Незири.
Откако се завршени процедурите и дадени две концесии согласно Законот за минерални суровини следна фаза да се добие дозвола за експлоатација.
Што значи дозвола за експлоатација?
„Дозвола за експлоатација значи дека тоа е крајна фаза каде што концесионерот може да влезе на терен и да ја експлоатира рудата. Но пред да се направи тоа, имајќи го во предвид членот 61 од Законот за минерални суровини, право е на концесионерот, ако е истиот концесионер и има соседни концесии да побара спојување. Дали тоа претходно е направено намерно или ненамерно и како се дадени координатите во тоа време од страна на Владата, законот е јасен дека имаат право да ги спојат концесиите“, рече Бектеши.
Концесионерот доставил барање за спојување на концесиите. Министерството за економија согласно службена должност, направило комисија која излегла на теренски увид и е потврдено дека концесионерот со ист сопственик и назив ги исполнува условите за спојување на концесиите за што е доставен записник до МЕ. Повикувајќи се на записникот, МЕ доставило предлог-одлука за спојување концесии во 2016 година, истата предлог-одлука која што е доставена пред еден месец до владата, посочи Бектеши.
Имајќи ја предвид политичката ситуација во тоа време, но и технички приоблеми во делот на одлуката, во делот на координатите, владата не донела никаква одлука, ниту негативна ниту позитивна.
„Имајќи ја предвид препораката на Државната комисија за спречување на корупцијата во време на избори, Владата не носи одлуки за давање или за одбивање концесии. Треба да завршат изборите, па да дава позитивни или негативни одлуки. Тоа може да се толкува и како молчење на администрација. Понекогаш е подобро да се донесе одлука отколку да не се донесе никаква одлука. Тоа го знаат сите правници, не само во нашата држава“, рече Бектеши.
Откако се менува власта Министерството за економија и Бектеши како министер, го обновиле барањето до владата во 2018 година и ја доставиле предлог-одлуката за спојување, повикувајќи се на теренскиот увид и записникот доставен од страна на луѓето кои го извршиле увидот.
„Во претходната влада најмалку на четири седници е ставена на дневен ред точката за спојување на концесиите, но на ниту една седница Владата не донела никаква одлука“, рече Бектеши.
Четири пати ја одложила точката и им се давало простор на концесионерот, бидејќи владата не донела одлука, да ја тужи одлуката за одбивање на решение за дозвола за експлоатација.
„За да бидам појасен за граѓаните, првично е поднесено барање за спојување од страна на концесионерот, повикувајќи се на нивното право согласно член 61, и потоа е доставено до МЕ барање за дозвола за експлоатација за првата концесија“, посочи Бектеши.
Инаку, Владата завчера ја поништи претходната одлука за спојување на концесиите за „Иловица“, но тоа, како што вели Бектеши, значи дека „Еуромакс“ во моментов има сопственост на двете концесии.
„Не се одземени концесиите од страна на Влада и согласно Законот за минерални суровини имаат право да го обноват барањето за спојување на двете концесии“, вели Бектеши.
извор Независен.мк