25.8 C
Скопје
2. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Касандра Фернандо на средба со ПГ на Собранието за соработка со Парламентот на Австралија

Австралиската пратеничка, Касандра Фернандо, претседателка на Групата за пријателство со Собранието на Република Северна Македонија, денеска оствари средба со членови на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Австралија, за време на нејзината посета на земјава.
На средбата присуствуваа и Александар Велјановски од Кабинетот на пратеничката Фернандо и почесниот конзул на Австралија во Република Северна Македонија, Зоран Костовски.

Пратеникот Љупчо Пренџов истакна на средбата дека со Австралија негуваме долгогодишно пријателство, и покрај географската далечина.
Тој посочи дека нашата земја има значително голема дијаспора концентрирана во неколку региони на Австралија. Односно, како што рече Пренџов, според последниот попис, во Австралија се околу 98.500 Македонци, иако, како што наведе, со оглед на неколку децениската миграција во таа насока, реалната бројка на наши иселеници таму е над 200 илјади.

Пренџов посочи дека тоа е една од причините поради кои треба дополнително да се интензивира и зацврстува соработката, и на парламентарно ниво, така што би било добро наши пратеници да ја посетат Австралија за да осознаат повеќе за тамошниот начин на работа и за функционирањето на политичкиот систем.

Фернандо истакна дека е голем придонесот на македонската заедница во Австралија. Таа рече дека Австралија е подготвена да работи заедно со Северна Македонија за споделување искуства и знаења. Австралија, рече таа, сака да ја поддржи Северна Македонија во нејзиниот развој, посебно во областа на трговијата, иновациите и технологијата.

Пратеничката Рина Ајдари истакна дека Северна Македонија и Австралија, и покрај големата географска оддалеченост, негуваат блиски односи. Таа посочи дека соработката меѓу парламентите е, исто така начин за промовирање на добрите билатерални односи.