25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОИЗБОР

Герасимовски: Општина Центар од утре сама ќе го чисти ѓубрето кое Град Скопје не го чисти

Општина Центар се организираше и од утре започнува со чистење на купиштата ѓубре во и надвор од контејнерите. Штом Град Скопје не успева да најде решение за функционирање на претпријатието ЈП „Комунална хигиена“ кое е под ингеренции на градот тогаш Општина Центар нема да дозволи граѓаните да се дават во смет и потенцијална зараза од летните температури.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најави дека утре наутро со почеток од 8.00 часот со работа почнуваат речиси сите хигиеничари од комуналната служба во ЈП „ПОЦ“ и дел од општинската администрација. На терен ќе биде употребена целата механизација во сопственост на претпријатието како и дополнителна опрема за собирање смет.

„Ги преземаме работите во наши раце, Општина Центар започнува да ја чисти општината и да го собира сметот самостојно од утре рано изутрина. Обезбедени се 4 камиони за собирање смет и еден камион за подигање контејнери, како и целата механизација на ЈП „ПОЦ“ меѓу кои три метларки и цистерна за темелно миење на улиците. Рано наутро речиси сите хигиеничари заедно со цела механизација излегува на терен. Уште еднаш апелирам Град Скопје итно да ги реши проблемите во јавното претпријатие и да започне со чистење на градот. Граѓаните не смее да бидат жртви на лошото управување во градот, ризикот по здравјето на граѓаните е огромен“, вели Герасимовски.

Општина Центар вчера алармираше за изнаоѓање брзо решение за неисчистените контејнери и преполните канти со смет, поради протестот на ЈП Комунална хигиена – Скопје откога голем број граѓани се пожалија на нехигиена и неподносливата миризба од преполните контејнери по булеварите и улиците.