3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
danela arsovska, mickoski
ЛОКАЛНОИЗБОР

Вкрстена војна Арсовска-ДПМНЕ-СДСМ: Се бара одговор на што се потрошија сто милиони евра, а Арсовска кажа дека Мицкоски е рекет број еден, дури и пред Новак Џоковиќ

Вкрстена војна меѓу градоначалничката на Скопје, ВМРО ДПМНЕ партијата која ја предложи Арсовска за градоначалник и СДСМ.

Градоначалничката Данела Арсовска, на вчерашната 30-та седница на градскиот Совет се правдаше дека во последните 18 месеци финансиската состојба на Градот е добро консолидирана, нагласувајќи дека сметките не Градот не се блокирани. Сепак советниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ од другата страна ја обвинуваа за финансиска нетранспарентност и бараа одговори за многу прашања поврзани со финансиската состојба на јавните претпријатија.

– Милионски се сумите коишто се побаруваат, меѓутоа милионски се и каматите коишто овој град ќе треба да ги плати. Овој град во изминатите 18 месеци е во добра финансиска состојба, финансиски е консолидиран, кредитниот рејтинг ни е задржан со позитивен изглед. Имаме драстично зголемување на можноста за кредитно задолжување, од 1,2 милиони евра во ноември 2021 година, на сегашните меѓу 25 и 30 милиони евра, што е одраз на тоа дека Градот финансиски е добро консолидиран – потенцираше градоначалничката Арсовска, додавајќи дека штетата направена во изминатите децении не може да се поправи за 18 месеци.

Координаторот на советничката група на коалицијата предводена од СДСМ, Љубица Јанчева, истакна дека е недозволиво Градот Скопје, како најголемата единица на локална самоуправа во земјава, да биде со блокирана сметка.

Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева,на вчерашната седница упати прашања до градоначалничката Данела Арсовска и мнозинството во Советот за тоа до каде е реализацијата на клучните капитални проекти во градот

„Каде се парите? Година и пол прашуваме и добиваме одговор дека ќе има реализација на проекти, па еве денеска пак прашуваме: До каде е изградбата на мостот Љубљанска за кој што имате 380 милиони денари пари од Владата? До каде е реконструкцијата на Универзална сала за којашто имате 120 милиони денари од Владата? До каде е изградбата на клучката кај Момин поток за којашто имате три милиони евра пари од Влада?

До каде е реализацијата на Бас рапид транзит, до каде е реализацијата на пречистителната станица?

До каде е изградбата на улиците „Васко Карангелевски“ и „Есенинова“? До каде се изградбите на кружните текови кај Нова Македонија, кај Државен завод за ревизија, оној во Ѓорче Петров и оној во Аеродром?“ праша Јанчева.

Таа побара да бидат доставени и сметките на градот, за конечно се види дали Градот е навистина блокиран.

„Доколку сметката на Град Скопје не е блокирана, јас барам да ни се достави финансиска картичка за конто 220 и 221 за доспеани обврски од земјата и од странство, како за Град Скопје така и за јавните претпријатија. Јас барам дневен извештај за состојбата на сметката и нам како советници тоа треба да ни биде овозможено“ порача Јанчева додавајќи дека Буџетот на Градот за оваа година е некаде околу 700 милиони денари, а дополнително актуелната градска влас има наследено 13 милиони евра во градската каса.

Од советничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, ја повика градоначалничката Арсовска на придржување на аргументите за време на дискусиите и без да упатува лични напади и навреди.

Арсовска: Рекет број еден, пред Новак Ѓоковиќ е Христијан Мицкоски

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вчера од говорницата во Советот на градот повторно се соочи со низа обвинувања и критики од страна на советниците. На ова таа возрати со директна порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Рекет број еден пред Новак Ѓоковиќ е Христијан Мицкоски. Точка, кажа Арсовска.

На ова претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески рече дека „пред Новак Ѓоковиќ има двајца и тој е трет на АТП-листата“.