СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице, 28-годишна жена и 41-годишник, сите од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.
Во периодот од 2025 година и 2026 година, второпријавената, управител и одговорно лице во правното лице, и третопријавениот, со заедничко дејствување, во текот на работењето на автоплацот за продажба на моторни возила, користејќи ги личните податоци на лице ангажирано за миење и чистење на моторните возила, кое не било пријавено како вработено, составувале и користеле фиктивни договори за посредување при продажба на моторни возила.
Во договорите, лицето ангажирано за миење и чистење било прикажано како лице кое му ги остава моторните возила на правното лице заради нивна понатамошна продажба, односно како договорна страна која на правното лице му доверува возила за продажба.
Второпријавената, во својство на управител на правното лице, учествувала во наведените активности преку овозможување и прифаќање на ваквото документирање на наводните договорни односи, со што се создавала привидна слика за начинот на стекнување и продажба на моторните возила, како и за постоење деловни односи со лицето ангажирано за миење и чистење, кои фактички не биле воспоставени.


