Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во гостувањето во емисијата „Утрински печат“ се осврна на неколку важни развојни процеси во Министерството и во Армијата, особено во делот на модернизацијата на армиските капацитети и континуираниот раст на одбранбениот буџет кој ги овозможува овие инвестиции кои значат посилна Армија и побезбедна држава која е кредибилен сојузник во НАТО – Алијансата.
„Политички го постигнавме она за што долги години велевме дека е стратешка цел на нашата држава – членството во НАТО, а нашето место таму го оправдавме и со нивото на подготвеност на нашата Армија. Во тој процес има два сегменти – првиот е модернизацијата што е долгорочен процес, зашто не можете во текот на неколку месеци или една година да обновите цело оружје, а вториот се луѓето кои работат, припадниците на Армијата кои треба да се задоволни. Овие два процеси мора да се паралелни, да се надополнуваат зашто тоа е клучот за да имаме опремена и силна Армија“, рече министерката Петровска.
Министерката информираше дека испораката на новите и софистицирани JLTV оклопни возила започна минатата година и дека неодамна на пристаниште во Грција пристигна и втората пратка на 26 вакви возила за потребите на Армијата на Република Северна Македонија.
„Испораката на JLTV започна минатата година и тоа е врз основа на повеќегодишен договор со САД кој е склучен пред неколку години, со оној многу добро познат инструмент на јавноста, а тоа е склучување на договорот Влада-со-Влада. Минатата година стигнаа 6, а сега веќе дополнителни 26 возила, а тие се дел од вкупната бројка 88 вакви возила кои во наредниот период треба да пристигнат и тие ќе бидат сместени во касарната во Штип, односно ќе бидат дел од вооружувањето и опремата на Лесната пешадиска бригада“, подвлече министерката.
Процесот на модернизација е директно поврзан и со буџетирањето на одбраната, кое е во стабилен раст и ќе достигне 2 проценти од БДП до 2024 година.
„Оваа година буџетот на одбраната е 1,85 проценти од БДП, а треба да биде 2% до 2024 година. Тоа се заложбите кои се прифатени на Самитот на Алијансата во Велс и кои што всушност покажуваат дека за да може да ја развивате одбраната онака како што треба, потребно е да имате буџет. Одлуката континуирано да се зголемува буџетот за одбраната е резултат и на тоа дека сме искрени во намерата континуирано да инвестираме во одбраната. Оваа година над 33 проценти од одбранбениот буџет се наменети за овие процеси кои ги почнавме за модернизација и остатокот рамномерно се распределува за она што значи потреби на министерството и на Армијата“, појасни министерката.
Во контекст на развојот на интероперабилноста со сојузниците и заедничкото зголемување на способностите и капацитетите, министерката Петровска ја спомена вежбата „Брз одговор 23“ која започна денеска на „Криволак“. Вежбата е организирана од Командата на Армијата на САД за Европа и Африка, а во нашата земја, освен припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, учествуваат и војници од САД, Албанија, Црна Гора и Косово како партнерска земја.
„Оваа вежба е дел од редовните активности кои се планирани однапред во Армијата и во Министерството. Учеството на Северна Македонија во овие вежби исто како минатата година има задача да ја подобри интероперабилноста на припадниците на Армијата и да покаже дека можеме заеднички со увежбување на нашата подготвеност да одговориме на секое сценарио“, заклучи министерката.