15.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Заедно да ги донесеме одлуките и да дадеме глас за Европа, за македонска европска иднина

Премиерот Димитар Ковачевски, одржа редовна средба со лидерите на владината коалција.

На средбата во фокус беа стратешките приоритети на државата и важноста од влез во Европската Унија.

Во продожение изјавата на премиерот Ковачевски во целина:

„Почитувани претставници на медиумите,

Ви благодарам за денешното присуство.

Денеска одржавме средба со коалициските партнери и парламентарните и вонпарламентарните каде ги информирав колегите за работните средби кои ги имав во Њујорк и Вашингтон.

Носам силна, јасна и недвосмислена поддршка од САД за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија. Од американскиот државен секретар Блинкен, добивме огромна поддршка и благодарност за тоа што сме докажан сојузник и партнер како на САД, на ЕУ и на НАТО – Алијансата. На средбите ја потврдивме и непрекинатата силна поддршка која ја добиваме од САД од независноста до денес.

Северна Македонија како прва земја од Западниот Балкан што го започна Стратешкиот дијалог со САД, останува стабилен, стратешки партнер и докажан сојузник на САД, билатерално меѓутоа и мултилатерално во НАТО, фокусирана на заедничката посветеност кон безбедност, слобода и демократски просперитет.

Денес кога е повеќе од кога било досега важно Европа да остане обединета, целосна, слободна и во мир, со нашите стратешки партнери САД, се согласивме дека истото не е можно без интеграцијата на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан во европското семејство.

Токму затоа евроатлантската интеграција на Северна Македонија, нејзиниот демократски развој, безбедност и стабилност се особено важни за нашите стратешки партнери САД.

Во тој контекст, со коалициските партнери на денешната средба се сложивме дека наша заедничка цел е земјата да оди напред, да се движи со демократскиот и прогресивен свет.

Ние сме земја-членка на НАТО, земја која претседава со ОБСЕ, работиме фокусирано и за што побрза интеграција во Европската Унија, бидејќи тоа значи подобри услови за живот и подобар стандард.

Нашата цел е полноправно членство во ЕУ до 2030 година. И во оваа цел нѐ поддржуваат и нашите стратешки партнери.

Од друга страна оние кои ја блокираат нашата земја кон европскиот пат, треба да се одлучат како понатаму. ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левицa.
Многу брзо ќе треба да одлучат дали ќе го фатат последниот воз и ќе се приклучат на проевропскиот блок кој неминовно оди и носи одлуки за приклучување на Северна Македонија во ЕУ.

Во тој контекст и високиот претставник на САД, г.Габриел Ескобар упати јасна порака – опозицијата не треба да ми даде поддршка мене, треба да ја поддржат европската иднина на нашите граѓани. А нашите граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама тука, дома, во Северна Македонија, земја членка на ЕУ.

Опозицијата одбива да се вклучи и во работната група за подготвување на уставните амандмани, исто како што одбиваа и беа против сите важни процеси во државата. Но сепак, повикувам на отвореност и политичка одговорност и ги повикувам сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварувањето на стратешките цели на државата.

Заедно да ги донесеме одлуките и заедно да ја обезбедиме европската иднина. Заедно, да дадеме глас за Европа, за македонска европска иднина.

Немаме време за губење, продолжувањето на европскиот пат е историска шанса која не сум сигурен дека ќе ја добиеме повторно, шанса која треба да се искористи сега и веднаш.

Ние поминавме 11 години во барање на алтернативни начини за развој на државата и приклучување кон евро-атлантските интеграции. 11 години на владеењето на ВМРО- ДПМНЕ покажаа дека државата единствено заврши во ќорсокак и во изолација.

Сега, кога државата има донесено низа на тешки одлуки, благодарение на оваа Влада, кога државата е веќе членка на НАТО, кога претседава со ОБСЕ, кога сме земја признаена од целата меѓународна заедница, земја фактор на стабилност на Балканот, која од земја корисник на мировни мисии, стана земја во која се водат мировни преговори- шансата мора да ја искористиме!

Но, во едно нешто сум сигурен. Северна Македонија ќе оди напред. Полноправното членство во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но достижна цел за државата.

А оваа владина коалиција е стабилна и силно обединета и ќе ја оствари таа цел.

Ви благодарам.“