Мостот „Беласица“ во овој момент се вештачи, а во наредните неколку денови ќе се донесе и одлука за тоа дали ќе се врати во употреба веднаш, или пак ќе има било каква интервенција пред да се стави во употреба. Со ваква изјава Град Скопје се огласи за првпат по шест дена молк од опожарувањето на клучниот мост во Градот.
Во допис до медиумите, од Град Скопје апелираат да не се создава паника со паушални изјави кои не се базирани на никакви информации, вештачења ниту пак истражувања.
„Во овој момент се работи вештачењето на состојбата со мостот „Беласица“ со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување. Во моментот мостот е затворен како превентива, се додека не добиеме уверување од релевантните институции дека е безбеден или дека треба да се интервенира. Несериозно е од декани, неименувани експерти како и неименувани „извори“ да се предизвикува паника кај граѓаните“, велат од Град Скопје.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов кој единствен говореше за опасноста од „Беласица“, по пожарот кажа дека мостот ќе биде затворен целосно за пешаци и за моторни возила сè додека не се санираат штетите. Тој посочи дека постои опасност од одронување бетонски парчиња, со кои е премачкан мостот.
„Штетата ќе биде дополнително утврдена, а тие информации ќе ги има Град Скопје. Забрането е движење на пешаците под самиот мост затоа што постои можност од паѓање бетонски парчиња. Една од можностите за причините е спој на електричните кабли, а втората можност е човечки фактор, но за тоа треба да се произнесе МВР“, изјави Ангелов во таа прилика.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање вчера кажа дека МВР се уште не го комплетирало извештајот за пожарот на мостот кој го чекаат во Град Скопје.
„Извештаите кога ќе бидат готови ќе бидат доставени до надлежните институции, тоа што е работа на Министерството за внатрешни работи. Инаку испитувањата кои треба да бидат направени дали пожарот допринел за намалување на статиката на мостот не е обврска на МВР“, рече министерот Спасовски.
Додека МВР го подготвува извештајот, граѓаните на социјалните мрежи предлагаат да се прилагоди веќе изградениот мост „Михаjло Апостолски“ кој делот кај салата Јане Сандански го поврзува со Керамидница. Коментираат дека е подобро да возат по ад-хок решение и неасфалтирани улици отколку да заглават во метежот околу Бит-пазар и по еден час.