27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе мора набргу да реши дали е за проевропскиот блок или ќе останат во заложништво на Левица

Пред неколку дена се вратив од САД, имав бројни средби со високи државни претставници од нашите пријатели, од нашиот најголем и најважен стратешки партнер, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината ‘Резултати што прават разлика’.

-Носам силна, јасна и недвосмислена поддршка од САД за нашата земја и за продолжување на европскиот пат на земјата. Јас вака знам, за мене вака се сака земјата, вака се обезбедува иднината, ова е патриотизам на 21 век. Што гледаме од другата страна, кај опозицијата? ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски немаат став, немаат визија. Во заложништво на проруската Левица се посветија само на блокади, хистерија од лажни вести и кочење на државата. Ништо друго, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека високиот претставник на САД, Габриел Ескобар упатил вчера јасна порака, дека не бараат Ковачевски да биде поддржан, туку европскиот пат на државата.

-Има разлика помеѓу проевропскиот блок предводен од СДСМ и анти европскиот блок предводен од Левица. Мицкоски е во цеслосно заложништво на Апасиев и веројатно уште чека насоки од него. Но исто така знам дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници, претставници на раководството кои не мислат како Мицкоски и кои искрено, со срце сакаат земјава да го продолжи патот кон ЕУ.

-После мојата посета на САД и оваа порака што дојде вчера убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ многу бргу ќе мора да одлучат дали ќе го фатат последниот воз и ќе се приклучат на проевропскиот блок, за Европска Македонија кој е победнички блок. Или ќе остане во заложништво и прегратките на на проруската Левица, во анти Европскиот блок, кој е губитнички блок. Редовно се на погрешната страна и редовно се против сите прогресивни одлуки, редовно се користат со лаги. Така и кога се продлабочи енергетската криза предвидуваа колапс, велеа ќе нема струја, ќе има рестрикции, ќе нема храна, парно…Но, ние се обврзавме дека никој нема да оставиме сам. И никој не беше оставен сам. Затоа другарки и другари денес можеме да зборуваме за конкретни резултати, потенцира Ковачевски.