23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВМАКЕДОНИЈА

Црвеното јаболко

ЏАБИР ДЕРАЛА

Градот е концепт. Неговата физичка големина и богатство не значат ништо, ако нема концепт. Секој што живее во еден град, треба тоа да го заслужи, треба да знае што може и што треба да му даде на еден град, и што може да очекува од него.

Еден од најубавите градови на светот е воедно е еден од најкомплексните човечки (колективни) зданија.

Безбројни генерации на луѓе ги испреплетоа своите судбини со овој пулсирачки гигант кој се простира на два континенти и низ двете познати ери на човештвото.

Константинопол, бележат историчарите, паѓа на 29 мај, 1453 година. Сепак, дали Константинопол навистина паѓа? Некои ќе речат не. Градовите кои паѓаат се разурнати, целосно или делумно напуштени, а нивниот дух исчезнува. Тоа не е случај со овој град, кој отсекогаш бил и останал најголем во Европа.

Султанот Мехмед Втори Освојувачот го освојува големото Црвено Јаболко по 55-дневна опсада во која учествуваат 80 илјади негови војници, вооружени со 69 топови, најголема артилериска сила во тогашниот свет. Тогаш биле употребени и „базилика“ топовите, најголемите во тоа време.

Страшното оружје е дело на Унгарецот Орбан, кој една година порано му ги понудил на тогашниот византиски император Константин XI. И српската принцеза, Султана Мара Бранковиќ, една од сопругите на таткото на Мехмед II, султанот Мурат II, има важна улога во оваа опсада, со нејзината дипломатија и со советите што му ги давала на младиот освојувач.

Мехмед II цел живот бескрајно ја почитувал и сакал Мара Бранковиќ, и ја нарекувал мајка.

Константинопол издржал 24 опсади од многу војски претходно. Мехмед имал 21 година кога успеал да го убере големото Црвено Јаболко од гранките на историјата. И да ѝ стави крај на Византија.

Освојувањето на Константинопол не значеше и крај за една од најголемите светски метрополи на сите времиња.

Концептот на овој глобален урбан гигант, денес Истанбул, останува да живее. Отоманскиот освојувач ја отвора новата ера на градот-гигант и му дава нов живот, кој трае до денес.

Некогаш и денес, Истанбул е престолнина на православието, непрегледна ризница на сеќавања на древниот свет,средновековието и на хипер модерната сегашност.

Истовремено е муслимански и глобален, надрелигиозно урбан, културен, економски и политички центар. Дури и со поглед од вселената, може да се види дека Истанбул е огледало на мултикултурниот свет, некогаш и денес.

Градот е место на мноштво и на самотија, истовремено. На громогласна вербална и невербална комуникација и бескраен татнеж. Тоа е една огромна сцена на која секој има своја роља. Секој, од првиот до последниот, жител или патник намерник – го пополнува бескрајниот мозаик.

Сите вистински градови имаат свој дух, неповторлив и уникатен потпис под секое поглавје на светското сеќавање. Тоа се џиновски суштества на чие лице се гледаат лузните од трагедиите и засушените бразди од солзите по големите губитоци. Но нивните лица се и заслепувачки убави и привлечни, набиени со некој темен ерос кој ја зоврива крвта и ги буди и најскриените страсти.

Но има градови без дух, без смисла и концепт. Или ги имале, но ги изгубиле, луѓето во нив ги убиле. Тоа се обично градови што служат како огромна спална соба и паркинг. Ништо повеќе. Луѓето во такви градови се како подвижни билки, од оние што ги нарекуваат плевел, што градинарот обично ги корне и ги фрла на ѓубриште.

Колку градот е град, зависи од многу нешта, но и од тоа колку ти си градски. Ако си градски во Тетово и Берово или Битола, градски ќе бидеш и во Скопје и Берлин или Истанбул.

Но, тоа е веќе друга приказна.

извор Градска.мк