По повод отпочнувањето со работа на првиот организиран пазар на електрична енергија во Северна Македонија, од страна на Националниот оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО, премиерот Димитар Ковачевски, преку писмо упати честитки до директорот на МЕМО Симон Шутиноски и до неговиот тим, како и до сите чинители во енергетскиот сектор и во Владата, кои работеа на оваа долгогодишна визија.
Премиерот Ковачевски во своето писмо, го нагласи и значењето на поддршката на Секретаријатот на Енергетската Заедница и на УСАИД, во процесот.
Во продолжение е интегралното писмено обраќање на премиерот Ковачевски:
„Денешниот ден е уште еден голем и значаен ден за економијата и за перспективите на граѓаните и на Република Северна Македонија.
Стартува со работа првата македонска берза за тргување со електрична енергија.
Снабдувачите на енергија за индустријата и институциите, како и трговците, повеќе нема да бараат енергија на странски пазари. Преку берзата за тргување со електрична енергија, на македонскиот пазар, ќе се побарува и добива електрична енергија.
Снабдувачите ќе побараат и платат енергија денес и ќе ја добијат веднаш – утре.
Работата на оваа берза, значи сигурност за производството на струја, сигурност за болниците, за училиштата, за сите институции, коишто набавуваат енергија на либерализираниот пазар – односно стабилно снабдување со струја и можност за ефикасна набавка на достапни количини на струја.
За компаниите и за инвеститорите, значи можност за транспарентно и недискриминирачко тргување со електрична енергија.
За државата и за граѓаните, почетокот со работа на берзата, значи можност за нови странски инвеститори, коишто ги мотивираме да инвестираат во обновливи извори на енергија во земјава.
Со отворањето на првата македонска берза за тргување со електрична енергија, отвораме можност и за поврзување со пазарите на струја од соседните земји.
Зимата којашто е зад нас покажа што значи да се има домашни, стабилни и сигурни извори на енергија.
Мојата визија е да ја направиме Северна Македонија модерна, целосно интегрирана земја во европскиот енергетски пазар. И Владата, преку МЕМО, веќе го направи клучниот чекор за поврзување со регионалните организирани пазари и со европскиот пазар, согласно Пан-европскиот модел.
Отворањето на македонската берза за електрична енергија можело и требало да се случи уште пред 10-тина години, но не случајно е денес.
И за овој голем потег е потребна пред сè политичка волја, фокусирана кон потребите на економијата и граѓаните, а не кон лични интереси, како и стручност и интеграција во демократските семејства на народи и држави, како што се НАТО и ЕУ.
Големите успеси се одраз на големи, тешки и мудри одлуки и затоа денеска бележиме уште еден успех за граѓаните и државата.
Ги повикувам домашните енергетските компании во нашата држава, регистрирани за производство и трговија на електрична енергија, меѓународните инвеститори во производствени капацитети од обновливи извори на енергија, заинтересираните субјекти, кои согласно закон имаат можност да понудуваат и побаруваат струја преку берза, да се приклучат на овој нов развоен проект!“ – порача премиерот Ковачевски, во писмото по повод денешниот настан посветен на отворањето на првата македонска берза за тргување со електрична енергија.